Згради/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Славески: Банките имаат два и пол месеци за да се подготват за поповолни станбени кредити

Ние не сме институција што ги определува каматните стапки, но укажуваме на една практика во светот што се заснова на процените на ризикот – семејствата што првпат купуваат стан, или живеат во него, се помал ризик од аспект на сервисирањето на кредитот, рече Славески.

Одлуката за макропрудентни мерки е објавена во „Службен весник“, а таа создава предуслови за значително помало кредитно учество при купување прв стан за живеење, односно да може да се земе кредит и со учество од 10 проценти. Гувернерот Трајко Славески изјави дека банките имаат два и пол месеци за да се подготват и дека очекува тие да се придржуваат до неа.

– Она што е во надлежност на Народната банка е и регулирањето на учеството во однос на кредитот преку ограничувањето на сопственото учество и вредноста на имотот што станува залог. Ние не сме институција што ги определува каматните стапки, но укажуваме на една практика во светот што се заснова на процените на ризикот – семејствата што првпат купуваат стан, или живеат во него, се помал ризик од аспект на сервисирањето на кредитот. Оттука насекаде во светот, тие добиваат поповолни услови и тоа го очекуваме и од нашите комерцијални банки. Банките веројатно сè уште ги прават своите пресметки, а ние немаме ниту официјално, ниту неофицијална најава од банките. Мислам дека сè уште е рано – изјави Славески.

На забелешката на новинарите дека според понудите од банките, колку е поголемо учеството за кредит, толку се поповолни каматните стапки, Славески одговори дека нема ниту еден аргумент спротивно на тоа дека ќе има поповолни услови за оние што го немаат решено станбеното прашање.

– Едно е ако влезете во решавање на своето станбено прашање со влог од 10.000 евра, а друго е со 20.000 евра. Ако немате толку пари, треба ги позајмите од банка за што исто така треба да плаќате камата, или да позајмувате од роднини и пријатели. Сè си има трошок – рече Славески.

Одлуката за макропрудентни мерки треба да стапи во сила на 1 декември. Таа треба да значи олеснети услови за кредитирањето за купување или градење прво живеалиште – стан или куќа наменети за сопствено живеење, но истовремено ќе се затегнат условите за користење станбен кредит за станбен објект што не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.

– За сите лица со нерешено станбено прашање, кои навистина немаат стан или куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите други случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 на 25 проценти од вредноста на станот – рече Славески.

Во однос на наредните очекувања за основната каматна стапка, која понатаму ги диктира каматите на комерцијалните кредити, Славески вели дека Народната банка се раководи од состојбите во нашата економија, од проекциите, од стапката на инфлација.

– Сега охрабрува фактот што процентот на инфлација во август е поповолен од оној во јули, имаме за 0,4 процентни поени намалување на годишна основа и мислам дека овој тренд ќе продолжи, а ние ќе постапиме соодветно на околностите: она што сè уште се предизвици од аспект на движењето и на базичната инфлација и во однос на некои шокови од надвор – рече Славески.

Гувернерот Славески вчера присуствуваше на Воведната конференција на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“. Европската Унија вложува во проектот 1,2 милиони евра, а Народната банка учествува со буџет од 600.00 евра. Проектот има за цел да ги зајакне институционалните и техничките капацитети на Народната банка во две важни области: екстерните статистики и платните системи и платежната статистика. На овој начин, како што беше нагласено на Конференцијата, ќе се постигне усогласување на НБРСМ со европските и со меѓународните стандарди и поширока интеграција на земјата во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот