
„Слатки лаги, горчливи вистини“: Тутунот е водечки убиец, кој во рацете на младите доаѓа преку инфлуенсери и прикриен маркетинг
Дополнително, додаваат оттаму – со помош на инфлуенсери, онлајн содржини и игри, производите се промовираат на суптилен начин, кој не изгледа како класичен маркетинг, но има силно влијание врз младата публика. Голем дел од овие тактики се насочени кон создавање илузија дека одредени производи, особено електронските цигари и новите никотински уреди, се „побезбедна“ алтернатива, иако научните податоци покажуваат дека и тие се штетни и зависни.
Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство се приклучија кон одбележувањето на Светскиот ден без тутунот (кој се одбележува секоја година на 31 мај) и годинава изработија информативни материјали за опасностите од тутунот. Ова е дел од поширока, глобална иницијатива со цел да се подигне јавната свест за штетните ефекти од употребата на тутун, изложеноста на пасивно пушење. Целта е да се воспостават ефикасни политики за намалување на потрошувачката на тутун низ целиот свет. Овој ден има за цел и да поттикне носење мерки кои ќе ја намалат зависноста од тутун и ќе го заштитат здравјето на сегашните и идните генерации.
Препорачано

Фактите кои ги споделува ИЈЗ се дека тутунот убива до половина од своите корисници, 80 проценти односно повеќе од 1 милијарда пушачи во светот живеат во земји со ниски и средни приходи, тутунот содржи катран кој предизвикува рак на белите дробови и стеснување на дишните патишта. Пушењето исто така ја намалува ефикасноста на црвените крвни зрнца во транспортот на кислород поради содржината на јаглерод моноксид што доведува до висок крвен притисок, бронхитис, ангина пекторис, оптичка атрофија, мозочен удар, губење на забите и срцев удар.
Во 2025 година, темата на Светскиот ден без тутун е „Разоткривање на привлечноста – Откривање на индустриските тактики со тутун и никотин“ (оригинално: Unmasking the Appeal – Exposing Industry Tactics on Tobacco and Nicotine Products). Со оваа тема Светската здравствена организација (СЗО) се насочува кон разобличување на агресивните и манипулативни маркетинг стратегии на тутунската и никотинската индустрија, кои имаат за цел да ги привлечат младите и да создадат нова генерација зависници.
Наместо да информираат за опасностите, производителите користат дизајни, вкусови и промоции што ги прикажуваат производите како модерни, безопасни и социјално прифатливи. Овие индустрии сè почесто се насочуваат кон тинејџери и млади луѓе преку внимателно осмислени производи кои често изгледаат како слатки, козметика или технолошки уреди. Притоа се користат и вкусови што ја маскираат вистинската природа на никотинот, како што се овошје, чоколадо или ментол, велат од Институтот за јавно здравје.
Дополнително, додаваат оттаму – со помош на инфлуенсери, онлајн содржини и игри, производите се промовираат на суптилен начин, кој не изгледа како класичен маркетинг, но има силно влијание врз младата публика. Голем дел од овие тактики се насочени кон создавање илузија дека одредени производи, особено електронските цигари и новите никотински уреди, се „побезбедна“ алтернатива, иако научните податоци покажуваат дека и тие се штетни и зависни.
Тутунот останува една од водечките причини за смртност во светот. Секоја година повеќе од осум милиони луѓе умираат од болести поврзани со употреба на тутун. Од нив, повеќе од еден милион се жртви на пасивно пушење. Во најголем број случаи, употребата на тутун започнува во адолесценцијата, токму поради агресивниот маркетинг и недостаток на целосна информација за последиците. Никотинот, како супстанција, има силно „зависничко” дејство и влијае врз развојот на мозокот, концентрацијата и менталното здравје, особено кај младите, информира Институтот за јавно здравје.
Одбележувањето на Светскиот ден без тутун е повик за заедничко делување. Потребна е вклученост на родителите, наставниците, здравствените работници, креаторите на политики, младинските организации и самите млади. Неопходно е јавното информирање да биде јасно, директно и засновано на научни докази. Треба да се поддржат иницијативи кои ја ограничуваат продажбата и рекламирањето на никотинските производи, особено оние што се насочени кон млади лица. Зголемувањето на акцизите, јасните здравствени предупредувања, забраните за вкусови и целосното регулирање на новите форми на тутунски производи се меѓу најефикасните алатки во борбата против оваа глобална закана.
-Да кажеме „не“ на манипулациите на индустријата, да ги разоткриеме вистините зад производите што се рекламираат како „модерни“ и да работиме за создавање на генерација ослободена од зависност. Да го искористиме овој ден за да се информираме, да се здружиме и да направиме избор за подобро здравје, чиста околина и подобра иднина без тутун, апелираат од ИЈЗ.

Покрај превентивните кампањи, Институтот за јавно здравје има широка дејност – раководи со регистри, има микробиолошка лабораторија, испитува храна и вода, врши санитарни прегледи, систематски прегледи итн. Викендов оттаму информираа дека е реновирано одделението за систематски прегледи во ИЈЗ, со што е направена нова соба во која во употреба се ставени спирометарот и аудиометарот.
-Го реновиравме и приемното одделение со што имаме повеќе шалтери за повеќе лица но и одреден дел кој е само за здравствените работници од кругот на Клинички центар за да не се мешаат со останатите пациенти. Ова е со цел унапредување на здравствените услуги. Како Институт создадовме услови за да примиме еден апарат како донација од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија. Станува збор за апаратот Е-радијатор, кој што служи за контрола на квалитетот на сите мерни инструменти во државата во однос на радијацијата како мамографи, рентген апарати и слично. Ова е единствен ваков апарат во државата и отсега натаму институциите што го користат овој апарат, нема да има потреба да одат надвор од државата туку ќе имаат можност овде да ги направат сите испитувања што се потребни, рече директорката на Институтот доктор Марија Андоновска.
Во ИЈЗ се воведени 2 нови телефонски линии, една за советување за одвикнување од пушењето, а другата е телефонска линија за давање совети за бремени жени, млади мајки во однос на негата и здравјето, исхраната, грижата за бебињата, вакцинацијата и совети кои им се потребни на младите родители.
-Она на кое сме особено горди е што воведовме за првпат втора смена за сите микробиолошки анализи што ги правиме во нашата лабораторија. Ова е поради потребата на граѓаните, дека после работното време нема државна институција каде можат да направат микробиолошки анализи. Од тие причини сме особено горди што успеавме да воведеме нова смена. Нема тука да застанеме, во план ни е воведување посебен центар за психолошко советување на млади и на адолесценти, додаде таа.
Премиерот Христијан Мицкоски дополни дека Институтот за јавно здравје при неговото преземање со раководење од новата власт, бил затекнат во огромни долгови кои се сервисирани.
-Не само што се сервисирани долговите, туку сега имаме и заштеда со која ќе се реализираат други развојни проекти во периодот кој следува, рече Мицкоски.