Мост кај МНТ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Скопје се распаѓа – не остана плочка на влезот на пешачкиот мост што води кон МНТ

Искршени се и испаѓани плочките на ѕидот пред влезот на пешачкиот мост што се протега од МЕПСО кон Македонскиот народен театар. Ова е уште една грда слика од најцентралното градско подрачје, илустративна за распаѓањето на Скопје. И не само што се одлепени од ѕидот и паднати, туку долго време никому дури не му текнало ни да ги собере и да го исчисти просторот, кој наликува на депонија од шут.

Актуелното градското раководство и јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје во изминативе четири години покажаа зачудувачки високо ниво на негрижа и дозволија главниот град да пропаѓа во сите сфери битни за граѓаните – инфраструктура, превоз, јавна хигиена.

Мост кај МНТ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Пешачкиот мост кој води кон МНТ и на кој според фамозниот проект „Скопје 2014“ требаше да стои панорамско тркало, беше пуштен во употреба на крајот од мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Речиси осум години се градеше и доградуваше, за целиот тој период кејот беше затворен за минување под мостот, граѓаните се нервираа, реагираа и трпеа и конечно, во октомври 2021 година, непосредно пред локалните избори, беше официјално пуштен во употреба.

Овој мост е симбол на битката со проектот Скопје 2014 и драго ми е што конечно граѓаните може да го користат како јавен простор. Направивме модерен мост наместо најрасипничкиот проект на ВМРО-ДПМНЕ, Панорамското тркало. Со стопирање на овој проект заштедивме 10 милиони евра пари на граѓаните и ги пренаменивме за други корисни проекти, рече тогаш Шилегов.

Колку и дали се заштеди и дали можеби ќе беше подобро тоа што беше донекаде претходно изградено да се сруши, е тема за архитекти и урбанисти, но она што е очигледно е дека овој мост многу малку се користи.

Мост кај МНТ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Покрај тоа, на средината на мостот се поставени три црни квадратни објекти, кои требаше да служат како локали за продажба. Како што веќе се случува со објекти кои од почеток се гледа дека ќе бидат нефункционални, така и овие локали веќе неколку години стојат затворени, затоа што веројатно никој не сака да продава на мост по кој дневно поминуват многу малку луѓе. Но, скопјани веќе се навикнати низ градот да никнуваат градби без никаква функција.

На пример, во Вардар се сместени галии, што никаде не пловат, од кои едната изгорена и полна со ѓубре – па, никому ништо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот