Тревник / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Скопје пожолти и се исуши, за непоправливата штета сите си се мислат „невини“

Годинава навистина имаше пеколно лето во Скопје, кое заедно со негрижата за наводнување на јавното зеленило го пожолте градот. Никој не пушта вода на зеленилото, ни општините, ни надлежното претпријатие, не прскаат ни системите за наводнување „капка по капка“.

Јавните површини во Скопје, кои во овој период од годината треба да бидат барем делумно зелени, изгледаат како да настапила доцна есен. Сушата ја чувствуваат и дрвјата, па веќе им паѓаат пожолтени лисја што исто така е карактеристика на есента.

Годинава навистина имаше пеколно лето во Скопје, кое заедно со негрижата за наводнување на јавното зеленило го пожолте градот. Никој не пушта вода во зеленилото, не прскаат ни системите за наводнување „капка по капка“. Не преживеаја ни 2000-те садници што на почетокот на март ги засади градоначалничката Данела Арсовска, заедно со вработените од ЈП „Паркови и зеленило“, за да го обележат роденденот на претпријатието. Садниците за кои не беше соопштено колку пари беа потрошени, беа засадени во средишното и страничното зеленило на булеварот Партизански одреди на потегот од мостот „Обединети нации“ до Центар. Сега се само исушени стапчиња.

Фото: Слободен печат

Да насадиш толку многу грмушки, дрвца и да ги оставиш да се исушат е исто како да посвоиш улично куче и да го оставиш да умре за вода. Ни Град Скопје ни општината не се помрднаа да полеат некое зеленило, да ги спасат од исушување. Пепел е сѐ што насадија пролетта, жално за гледање и постојано ист одговор – не е во наша надлежност – вели жителка на Карпош.

Но проблемот не е само во оваа општина. Каде и да се помине низ градот, состојбата е иста. Граѓаните од Аеродром цел месец се жалат на исушеното зеленило и бараат општината и „паркови и зеленило“ да си ја вршат работата.

Очајно е потребна вода за наводнување! Пожар нема, а Аеродром е опожарен! Немаме време за петиции, дрвјата ги полеваме со вода за пиење – исушени се! Ве молиме итно преземете мерки, пуштете вода за наводнување, откако природата ќе пожолти и ќе умре, џабе е секој изговор – напиша граѓанин на фејсбук-групата „Општина Аеродром – Пријави проблем“.

Фото: Фејсбук

Аеродромци реагираат дека и покрај нивните постојани укажувања и барања до општината, оттаму нема реакција. Притоа потсетуваат дека оваа општина располага со бунари со техничка вода, која треба да се користи токму за оваа намена. Овие системи и бунари се наоѓаат во реоните Ново Лисиче, Три бисери, Јане Сандански од левата и десната страна, како и во Острово.

Од Општина Аеродром „притиснати“ од граѓаните конечно се огласија, но само колку да ја тргнат вината од себе и целата одговорност да ја префрлат на ЈП „Паркови и зеленило“, посочувајќи дека одржувањето на јавните зелени површини во голема мера е под надлежност на Град Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“, но дека тие не ги извршуваат квалитетно своите обврски. Притоа, како што тврдат оттаму, сите површини под општинска надлежност редовно ги одржувале.

Оттаму информираа дека Општината во изминатите години изградила повеќе автоматски системи за полевање, вклучувајќи ги и бунарите, кои се предадени на ЈП „Паркови и зеленило“ како надлежно јавно градско претпријатие во нивно владение и користење.

Но, од неразбирливи причини за нас, веќе подолго време тие не се ставаат во функција, со што сме доведени во ситуација да бидеме опкружени со исушени тревници и дрвја. За ситуацијата да биде уште поалармантна, тоа се случува во овој летен период кога се соочуваме со екстремно високи температури, кога аеродромци треба да имаат можност да се разладуваат во парковите што се изградени за таа намена – соопштија од Општината, наведувајќи дека пратиле и официјални дописи до ЈП „Паркови и зеленило“ со барање квалитетно и ажурно извршување на нивните обврски, но не добиле никакви одговори.

Фото: Фејсбук

Од јавното претпријатие ги демантираа информациите од Аеродром, но не кажаа дали ја користат водата од бунарите, но не заборавија и тие да посочат за поделените надлежности. Според нив, тие се тие што редовно и континуирано го одржуваат зеленилото, а дека полеваат преку ноќ.

Полевањето на зеленилото го вршиме во доцните вечерни часови за да се избегне испарување на водата поради високи температури во текот на денот, а и поради апелот од ЈП „Водовод и канализација“ за рационално користење на водата во деновите со екстремно високи температури за да не дојде до нестабилност во водоснабдувањето во високите зони – тврдат од „Паркови и зеленило“.

Значи според изјавите на општината и претпријатието, и едните и другите редовно полеваат. Тогаш, зошто е сѐ пожолтено и исушено?

Сѐ додека се користи политика во секој поглед, на крај обичниот народ трпи и страда. Срамота, до кога вака не ми е јасно! Треба да не плаќаме додека оди ова препукување. Ние кому и за што плаќаме? – прашува Вера од Аеродром.

Сѐ е жолто и исушено и во другите општини, но ниедна од нив досега не објаснила зошто не си го вршат својот дел од обврските. Затоа што не е исушено само покрај булеварите, односно она што е во надлежност на „Паркови и зеленило“ туку и локалните паркчиња и блоковското зеленило меѓу зградите за што се одговорни општините.

Во моментов зеленилото во Скопје трпи непоправлива штета и за жал, никој за тоа не се чувствува одговорен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот