
Скопје можеби ќе добие нови саемски хали – сериозна анализа на реалните потреби или предизборен маркетинг?
Реално е да се каже дека ние и сега имаме институција што организира изложбени манифестации, но во несоодветен простор (спортска сала или паркингот пред неа), но немаме хали откако тие беа срушени во 2018 година. За да бидат видени, македонските компании се пласираат на регионалните саеми
Владата ја разгледува можноста за изградба на нов саемски комплекс во Скопје. Дали оваа идеја ќе влезе во аналите на предизборните маркетинг активности или навистина ќе се оствари, сè уште е рано да се каже, но според соопштението по средбата меѓу директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски и претставниците на „Скопски саем“, освен потребата и важноста од изградба на нов саемски комплекс, биле дури разгледани и можностите за локација, инфраструктурните услови и иновации што би го направиле новиот простор конкурентен на регионалните и на меѓународните пазари.
Препорачано
– Враќањето на „Скопски саем“ во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар – рекол Томовски истакнувајќи го значењето на оваа иницијатива за развојот на економијата.
Од оваа перспектива, неспорна е потребата од една ваков комплекс, но спорен е моментот зошто токму сега? Реално е да се каже дека ние и сега имаме институција што организира изложбени манифестации, но во несоодветен простор (спортска сала или паркингот пред неа) но немаме хали, откако тие беа срушени во 2018 година.
Саемот беше дело на архитектите Благоја Мицевски, Славко Гуриќ, Димитар Димитров и Живко Гелевски, парцијално изграден 1970-72 година (Македонијапроект). Тој се простираше на 25.000 квадрати, од кои 16 илјади беа затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина.
Освен Технома, во текот на своето повеќедецениско постоење, Скопски саем беше домаќин на Модест, Мебел, Саем на книгата и либрографика, Денови на образование и кариера, Инфоком, Саем за аудио и видео, Балканска туристичка берза, Скопје травел маркет, Одбрана и заштита, Аутоекспо, Медицина, Агрофуд, Скомеса, Агроекспо, Саем за транспорт и логистика, ЕкспоБитола, Алтравита, Саем на градежништво, Модна недела, Вински фестивал, национални претставувања и промоци, многубројни концерти и настани… Скопски саем банкротираше, па беше затворен во 2017 година, по што приватна групација го откупи имотот од банките доверители. Имотот на Скопски саем беше заложен во НЛБ Тутунска банка и во Комерцијална банка, кои долгот си го наплатија со продажба на фирмата Кардфинанс од Бугарија за сума од 16 милиони евра. На овој простор новиот сопственик планираше да изгради голем трговски центар и повеќе деловно-станбени објекти.
Не е за оправдување што Скопски саем, еден од симболите на градот, е разрушен за да биде подигнат трговски центар, лани во интервју за „Сакам да кажам“ потсети архитектот Мишко Ралев.
– Скопски саем, еден од симболите на градот, е разрушен за да биде подигнат трговски центар. Навистина, потег што не беше со ништо оправдан. Да зборуваме од економска гледна точка е нејасно, Саемот генерира приходи во повеќе индустрии, привлекува гости со што се пополнуваат хотелските капацитети. Дел од гостите се и експерти од поедини струки и носат знаење преку работилници, симпозиуми, конференции. Саемот не е само стопанска институција, во просторот на саемот се одржуваа и разни културно-забавни програми од домашен, но и меѓународен значење. И на крај да го споменеме и неговото архитектонско и инженерско значење, кое е во неповрат загубено. Значи, делот од историјата на развојот на македонската архитектура, урбанизам и градежништво е засекогаш загубено, уништено – ќе рече архитектот Ралев.
Само Скопје нема саем
Во услови кога во Македонија нема саем, а за да бидат видени нивните производи, домашните компании се претставуваат на регионалните саеми, кои им носат огромни придобивки на соседните држави. Еден од нив е Белградскиот, кој е долгорочна институција од национално значење не само за Србија, туку и за Југоисточна Европа.
Денешниот Белградски саем опфаќа многубројни павилјони, конгресни центри, изложбени простори и административни објекти. Белградскиот саем е друштво со ограничена одговорност, а основач на компанијата е Република Србија со 100% сопственост на капиталот. Во изминативе две години многу се зборуваше дека Саемот ќе биде срушен за да се прошири проектот Белград на вода, а во 2027 Белград ќе биде домаќин на ЕКСПО.
Загрепскиот велесаем е основан во 1909 година и е еден од најстарите саеми во овој дел на Европа. На Саемот во Загреб годишно се одржуваат повеќе од триесет меѓународни специјализирани саеми, на кои присуствуваат над 9.000 изложувачи и повеќе од 800.000 посетители. Хрватските медиуми пред неколку години пишуваа дека саемот пропаѓа, a дури имало и идеја да биде срушен, но за среќа, ништо од тоа не се реализирало.
Меѓународниот трговски саем во Солун е основан во 1925 година како место за организирање саеми. Неговата прва изложба била одржана во 1926 година. Хелекспо е најважната агенција за организација на настани во Грција.
Две компании во Тирана, кои организираат саеми во главниот град на Албанија за различни области, се членки на Унијата на меѓународни саеми. Едната е „Експо сити Албанија“, а втората е „Клик експо груп & Тирана интернешенл феар“.