
Скопје ќе се чисти со 10 нови машини за метење на јавни површини
ЈП „Комунална хигиена” – Скопје денеска ги промовираше новонабавените десет специјални машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини, што ќе се употребуваат за одржување на јавната хигиена во сите скопски општини.
Препорачано
– Станува збор за машини со вшмукувачки систем составен од вакуумски вентилатор со контрола на бројот на вртежи од кабината и можност за хидраулично активирано истурање на отпадот, опремени со резервоар за вода со волумен од 200 литри, со хидраулична подготовка за приклучување на зимска опрема и камера со монитор во кабината за подобра прегледност на задната страна од машината. Овие специјални машини постигнуваат максимална работна брзина на метење од 12 км. на час и се дизајнирани, конструирани и произведени во согласност со светските стандарди за безбедност и заштита на здравјето, информираат од прес-службата на комуналното претпријатие.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена” – Скопје, Абдусамед Шабани вели дека овие машини се дел од планираното големо обновување на возниот парк и механоопременоста на ова комунално претпријатие.
– ЈП „Комунална хигиена” – Скопје ја одржува хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје, преку нивно секојдневно машинско и рачно миење и метење. Наш врвен приоритет за 2021 година претставува заштитата на јавното здравје, а своето дејствување го насочивме кон намалување на ризикот од проширување на вирусот ковид-19, преку одржувањето на јавната хигиена во градот Скопје на највисокото можно ниво. Ни претстои набавка на уште 37 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, кипери и возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што очекуваме во голема мера да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, а нашите екипи во координација со Градот Скопје и во текот на оваа година да продолжат да спроведуваат бројни успешни акции за одржување на почиста, поздрава и поубава животна околина, посочува Шабани.