Велосипеди низ град/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Скопје е поубаво кога по улиците се слуша „ѕрн-ѕрн“, тврдат велосипедистите

Утре попладне ќе се вози 92-рата по ред критична маса, со порака – Градоначалници доста беа лепенки!Време е за нова гума“

Велосипедистите утре ќе возат со порака до идните градоначалници – доста беа лепенки, време е за нова гума! Критичната маса, 92-ра по ред, започнува оваа среда на Плоштад Македонија во 17.30 часот, а оттаму ќе се вози кон Аеродром и Кисела Вода.

Организаторите „На точак“ информираат дека ќе возат и по улицата Васко Карангелкески, за чие проширување протестираа со цел да се заштитат дрворедите и мирниот маалски живот. Како што објаснуваат, ќе поминат и по пробиена улица која ги поврзува Аеродром и Кисела Вода, на која нема велосипедска инфраструктура, а на пешачката е поставено уличното осветлување и има високи рабници. На крај велосипедистите ќе стигнат на Школка во Градски парк, каде ќе има музика и освежување.

Рута на Критична маса 92/ Фото: На точак

Организаторите објаснуваат дека сакаат да покажат колку може Скопје да биде убаво кога ќе ги наполнат улиците со точаци, а воздухот со „ѕрн-ѕрн“. Според нив тоа може да се претвори во секојдневна ситуација, доколку тоа е визијата на следниот градоначалник. А визијата, како што велат, не произлегува од „плукни-залепи“ решенија на моменталните проблеми, туку нивно решавање на долгорочно ниво. Да се има визија и план за нејзино постигнување, вклучува донесување одлуки кои не само што го менуваат градот, туку и навиките на луѓето, а токму во тоа е и умешноста.

 Кандидатите за градоначалници сега конкурираат за нивното следно работно место, па ајде да им го поставиме прашањето со кое се среќава секој кандидат за работа при интервју – Каде се гледате за 4 години, или подобро, каде го гледате градот за 4 години? Ние се гледаме во смирено Скопје, без жртви во сообраќајот, се гледаме како возиме точак на густа и поврзана вело мрежа со сенки и уживаме и пешачиме на слободни јавни простори. Имаме мноштво на транспортни опции за движење низ градот и околината: имаме систем за изнајмување велосипеди, имаме регуларни автобуси, но и брз јавен превоз во свои ленти и активиран железнички прстен. Го искусуваме градот на различни начини (не само од автомобил) и сите го сакаме повеќе – велат од „На точак“.

Скопје „тапка“ во место, нема нови велосипедски патеки, а постоечките се оштетени и небезбедни

Оттаму, до сите политички партии што ќе учествуваат на локалните избори велосипедистите испратија конкретни предлози за исполнување на оваа визија, истите оние кои ги испратија и пред 4 години до тогашните кандидати, но не се реализирани.

Во изминатите години видовме како се изведува вело лента на постоечка улица, а истовремено се гради нова улица без велосипедска патека и со субстандартен тротоар со улични светилки на средина. Се реконструира велосипедска патека, а потоа на истата се поставуваат контејнери. Последиците од лошите прилепени решенија остануваат долго после четирите години мандат. Затоа бараме обмислени програми со конкретни решенија за постигнување на долгорочна визија за безбедно и убаво Скопје. Не лепенки, туку нова гума – објаснуваат организаторите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот