
Скандинавските валути – парче хартија, никој не ги менува ниту пак може да се плаќа со нив
Имам 15.000 евра во шведски круни, но фактички немам ниту евро, туку само хартија која нема каде да ја претворам во валута. Вака ја започнува својата приказна Владо кој цел живот работел во Шведска и најголемиот дел од заштедата ја зачувал во домашен сеф во шведски круни. Неговата голгота започнува откако менувачниците и деловните банки престанаа да продаваат и откупуваат норвешки и шведски куни.
Препорачано
– Сосем случајно минатата недела дознав дека во менувачници не се откупува шведската круна. Од таму ме пратија да се обидам во некоја банка. Ги поминав сите, никој не беше заинтересиран за откупување на круните. На еден од шалтерите ми рекоа да одам во Бугарија или Србија да се обидам да ги сменам во евра или долари- вели Владо.
Во понеделникот бил во Софија но за целата сума му давале 1.500 евра помалку. Ова била единствената понуда, па сменил само половина од парите.
– Ми рекоа дека единствена шанса да ги сменам во тековни валути е да отидам до Шведска, но немам потекло на парите, вели Владо.
Тој објаснува дека и негов пријател кој работел цел живот во Данска го има истиот проблем зошто веќе не се откупуваат ниту данските круни. Ја прашавме Народна банка што со парите на граѓаните бидејќи иако ги поседуваат, тие во земјава во моментов немаат вредност. Од таму велат дека Народната банка е во комуникација со странските деловни и централните банки од овие земји за надминување на овие тешкотии во размената на ефективни парични средства.
-Тековно, прекинот на откупот на ефектива е на регионално и меѓународно ниво, но размената на ефектива во овие валути во деловни банки во овие земји се одвива непречено- велат во НБРМ.
Според нив размената на скандинавски валути на домашниот девизен и менувачки пазар нема ограничувања согласно важечката регулатива од страна на Народната банка. Одлуката за прекин на откуп на ефектива во овие валути е детерминирана од деловната политика и оперативните можности на комерцијалните банки.
– Причината за одлуката на домашните комерцијални банки за прекин на откуп на ефектива во овие валути лежи во одлуката на деловните банки од посочените држави да бидат повнимателни при внес на ефектива од странство. Согласно официјалните соопштенија на централните банки од скандинавските држави, рестриктивноста на нивните деловни банки во откупот на домашна ефектива од странство се должи на меѓународните услови за работа со готовина и општите банкарски правила за спречување перење на пари- велат во Народна банка.
Во врска со прекинот на откуп на ефектива во скандинавските валути на домашниот пазар, домашните комерцијални банки преку Македонската Банкарска Асоцијација на 16 јуни излегоа со официјално известување преку кои ја запознаа јавноста и клиентите околу причините поврзани со тргувањето на ефективата во овие валути.
-Воедно, одлуката на деловните банки за прекин на тргување со ефективни парични средства од страна на домашните деловни банки не влијае на безготовинското тргување и прекуграничниот платен промет, а клиентите и понатаму секојдневно ги купуваат и продаваат овие валути на домашниот девизен пазар- велат од НБРМ.
Цела работа започна минатата недела кога комерцијалните банки во земјава веќе некое време не прифаќаат ефективни парични средства во норвешка круна (НОК) и шведска круна (СЕК).
Како што информира од Македонската банкарска асоцијација (МБА), причината за тоа се прекинатите врски за размена на ефективните парични средства во овие две валути од страна на деловните банки во Норвешка и Шведска поради зголемена претпазливост во врска со нивната регулатива за спречување перење пари, за што има официјални известувања од централните банки на овие две земји.
Оттаму додаваат дека одлуката за прекин на тргувањето со готовина во норвешки и шведски круни од страна на домашните деловни банки нема да влијае на безготовинскиот промет односно клиентите и понатаму ќе можат на девизниот пазар да купуваат и продаваат норвешки и шведски круни, согласно своите потреби, на истиот начин како што од неодамна се одвива и тргувањето со дански круни (ДКК).