
Сите во Србија кои имаат припејд броеви мора да ги регистрираат до 10 февруари
Корисниците на припејд мобилни услуги со можност за авансно плаќање (припејд) се должни да го пријават својот број најдоцна до 10 февруари 2025 година, а доколку не го сторат тоа, операторот ќе го прекине давањето на услугите, соопштија од Регулаторното тело за електронски комуникации и поштенски услуги (РАТЕЛ). Оваа обврска е пропишана со Законот за електронски комуникации од член 158, кој предвидува дека, пред да започне да дава припејд услуги, преку јавната мобилна комуникациска мрежа, давателот на услугата (операторот) е должен да го регистрира крајниот корисник, пишува Каматица.
Препорачано
Оваа обврска се однесува на регистрацијата на сите крајни корисници кои ја користат услугата со авансно плаќање (припејд), вклучувајќи ги и корисниците кои почнале да ја користат услугата пред почетокот на примената на овој член, односно подзаконскиот акт со кој се регулираат техничките услови за регистрација. Имајќи ја предвид заштитата на интересите на крајните корисници во делот на овозможување непречено користење на припејд услугите на мобилната телефонија, РАТЕЛ ги потсетува корисниците на неопходноста од регистрирање телефонски броеви кај давателот на услугата (операторот), најдоцна до 10 февруари 2025 година.
– Посебно напоменуваме дека давателите на наведените услуги ќе престанат да ја даваат услугата на нерегистрирани припејд корисници кои нема да се регистрираат до овој рок, односно услугата нема да им биде достапна по наведениот рок – се наведува во соопштението на РАТЕЛ.
Тоа значи дека по истекот на рокот за регистрација, на нерегистрираните припејд корисници ќе им биде овозможена само соодветната количина на сообраќај потребна за онлајн регистрација и повици до службите за итни случаи, во текот на следните 90 дена, односно најдоцна до 10 мај 2025 година. По тој период, сите нерегистрирани припејд броеви ќе бидат деактивирани.