
Сите пијат вода со лимон и јаболков оцет пред појадок и велат дека ги губат килограмите: Еве што тврди познатата нутриционистка
На социјалните мрежи, многумина го претставуваат како еликсир пијалакот со лимон или со јаболков оцет со малку топла вода како дел од нивната утринска рутина, тврдејќи дека е одличен за варењето и слабеењето. Но, дали овој тренд што се шири на социјалните мрежи е навистина ефикасен? Нутриционистката Фиона Штајнбергер даде одговор на ова прашање.
Препорачано
Идејата навистина звучи примамливо: ако наутро измешате сок од половина лимон или јаболков оцет со млака вода и го испиете на празен желудник, правите нешто добро за своето здравје. Оние што практикуваат да ги испијат горенаведените комбинации пред појадок велат дека се одлични за стимулирање на варењето и за забрзување на метаболизмот. Оваа рутина наводно, ја практикуваат славните ѕвезди Бијонсе, Џенифер Анистон и Гвинет Палтроу, како и бројни инфлуенсери кои тврдат дека и двата пијалаци се одлични за слабеење.
Но, зад овој тренд нема многу научни докази, вели диететичарката и нутриционистка Фиона Штајнбергер за виенскиот „Дерстандард“.
– Лимонот содржи витамин Ц и е антиоксидант, па е добар за нашиот имунолошки систем. Но, речиси и не постојат висококвалитетни студии кои ги докажуваат позитивните ефекти на водата со лимон наутро – објаснува нутриционистката Штајнбергер.
Како млаката вода на празен желудник дејствува на организмот?
Во принцип, голема чаша млака вода наутро пред појадок, секако не е лоша идеја. Со тоа се регулира рамнотежата на водата, бидејќи телото обично е дехидрирано наутро. Често се вели дека додавањето лимон, исто така, го стимулира варењето и производството на желудочен сок.
– Но, тоа не е вистина. Млаката вода на празен желудник и онака го поттикнува варењето, па затоа не ви треба лимон – тврди Штајнбергер.
Таа додава дека е во ред да додадете малку сок од лимон во голема чаша млака вода што ќе ја испиете по будењето, но само ако добро ја поднесувате таа комбинација.
– Не секој може да ја толерира аскорбинската киселина на празен желудник; во најлош случај, може да доведе до ждриговина, дијареја (пролив) или повраќање. Покрај тоа, со овој тренд, секогаш треба да внимавате на здравјето на забите. Киселината во сокот од лимон може да ја нагризе забната глеѓ. Затоа, ако пиете вода со лимон, немојте веднаш да ги миете забите, бидејќи четкичката за заби ќе го засили негативниот ефект. Подобро е да ја исплакнете устата со чиста вода или, уште подобро, да користите сламка, бидејќи тогаш водата со лимон помалку доаѓа во допир со забите – советува нутриционистката.
И уште нешто што треба да имате на ум: водата со лимон може да биде млака, но никогаш топла. Имено, витаминот Ц е термолабилен, се уништува на температури над 70 степени. Генерално, заклучокот на нутриционистката за трендот што го зафати интернетот е: „Тоа не помага, а може да биде штетно“.
Јаболков оцет за шеќер во крвта
Слично е и со популарноста на јаболковиот оцет. На социјалните мрежи често можете да прочитате дека чаша вода со една или две лажички јаболков оцет на празен желудник „прави чуда“. Се наведува дека овој пијалак го стимулира варењето и ја зајакнува цревната флора. Всушност, постојат неколку други домашни лекови кои се заслужни за толку многу позитивни ефекти како јаболковиот оцет.
Меѓутоа, истражувањето и во овој случај е мошне слабо, но има барем неколку навестувања и индиции. Некои истражувања во кои учествувале луѓе со дијабетес тип 2 покажале дека јаболковата киселина може да го регулира шеќерот во крвта.
– Особено пред оброк богат со јаглехидрати, водата со јаболков оцет може позитивно да влијае на шеќерот во крвта – вели нутриционистката Штајнбергер.
Што, всушност, се крие зад сето тоа? Најверојатно е дека масната киселина од јаболковиот оцет позитивно влијае на чувствителноста на инсулин. Поради тоа, инсулинот тогаш може подобро да работи, а клетките полесно да го апсорбираат шеќерот. Ова ги намалува скоковите на шеќерот во крвта со последователно губење на перформансите и желбата, а вие се чувствувате посити подолго време.
– Не станува збор за пиење јаболков оцет со вода наутро на празен стомак, туку 15 до 20 минути пред оброкот. Но, овој ефект не мора да се постигнува со млака вода и јаболков оцет. Ако користите јаболков оцет како прелив за салата, веројатно ќе го добиете истиот ефект. А салатата ви дава и малку влакна – потсетува нутриционистката.