Сите институции ќе мора да имаат лектор

Задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високообразовни установи во два семестри, натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, се дел од одредбите кои се наведени во предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, за кој Советот за македонски јазик, стручно тело при Владата, отпочнува јавна расправа за консултации.

– Во предложениот Закон, со промените се предвидува задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата на Република Северна Македонија, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, како во државниот така и во приватниот сектор- соопшти владината Прес-служба.

Во соопштението се истакнува дека со предлог-законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високообразовни установи во два семестри, што не беше практика досега, а првпат се предвидуваат и стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.

– Согласно измените на предложениот Закон, предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високообразовните и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен досега. Ова особено се однесува на соседните држави на Република Северна Македонија како Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција- информираа од владината прес-служба.

Посочија дека со новиот закон се предлага, македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Република Северна Македонија во странство, како одговор на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората.

– Нацртот на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик има за цел не само издигнување и зацврстување на употребата на македонскиот јазик на сите рамништа, туку има и функција на привлекување на сите граѓани на кои македонскиот јазик не им е мајчин. И во таа смисла е во согласност со Законот за употреба на јазиците. Новиот Закон е во насока на нашиот јазик за евроатлантските интеграции и за неговата службена употреба во овие институции и во насока на спротивставување на сите напади и негирања однатре и однадвор, на кои, за жал, сме сведоци и во 21 век и на почвата на Европа- соопшти Прес-службата на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот