Сирискиот лидер: Се обидуваат да не вовлечат во граѓанска војна

Сирискиот лидер Ахмед Шара денеска предупреди дека земјата се соочува со обиди да биде вовлечена во граѓанска војна, бидејќи продолжуваат жестоките судири во кои загинаа најмалку илјада членови на алавитската заедница. Во видеото Шара вели дека остатоците од поранешниот режим на соборениот претседател Башар ал Асад немаат друг избор освен веднаш да се предадат.

Тој, исто така, вети дека неговата влада ќе ги повика на одговорност сите оние кои се вклучени во нападите врз цивилите.

-Ќе бараме одговорност, цврсто и немилосрдно, секој кој е вмешан во крвопролевањето на цивилите или кој ги надминал овластувањата на државата- рече тој во видеото објавено од официјалната сириска новинска агенција Сана, додавајќи дека ќе биде формиран комитет за заштита на граѓанскиот мир.

Според Сириската опсерваторија за човекови права, во изминатите неколку дена се убиени најмалку 1.000 алавити, вклучително и деца. Новите сириски власти започнаа акција против, како што велат, бунтот што го започнаа милитантите поврзани со владата на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад.

Сириските власти признаа дека имало прекршување на човековите права за време на операцијата, за што ги обвинија неорганизираните толпи цивили и борци кои сакаа да им помогнат на официјалните безбедносни сили и беа огорчени за злосторствата од минатото.

Алавитите се малцинска заедница на шиитски муслимани, од која потекнува и семејството Асад. ОН денеска ги повикаа лидерите на сириската преодна влада да преземат итни чекори за заштита на Сиријците по бранот насилства против алавитската заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот