Синдикатот на полицијата најавува бунт пред Обвинителство – нè малтретираат , ни велат дека сме глупави и требало да изгориме во Кочани

Обвинителите нè малтретираат буквално за сè и сешто. Никој не им дава право на обвинителите да ни удираат на маса и да ни викаат – вие сте неписмени и глупави, да им кажуваат на колегите што се опфатени во истрагата што се води за трагедијата во Кочани: „Вие требаше да изгорите како децата“.

Со овие прозивки Независниот синдикат на полицијата ги повикува полицајците да го кренат гласот против Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) каде што има посебно Одделение за гонење на полициските службеници, в недела да излезат на протест пред обвинителствата, со обвинувања дека полицајците се малтретирани само за да се покаже дека има борба против криминалот и корупцијата. Всушност, полицискиот синдикат тврди дека во државата за сè се виновни полицајците, па институциите прво удираат по нив, без да ја почитуваат пресумпцијата на невиност и нивното човечко достоинство.

Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Од година во година ситуацијата таму многу се влошува во делот на истрагите и обвинителните акти што ги поднесуваат против колеги, буквално за сè и сешто. Ни измислуваат секакви постапки само за Обвинителството да прикаже дека има активност во делот на корупцијата и криминалот што треба да ги гонат. Веќе една година за секој што ќе се отвори каква било истрага, ќе бидат предложени какви било мерки на претпазливост – да се јавува во суд секој вторник и четврток, на пример. Предлагаат полицискиот службеник да не извршува повеќе работни задачи и врз основа на тоа решение, МВР го става работниот однос во мирување. Тоа значи дека во моментов имаме повеќе од 30 до 40 колеги што се опфатени и со истрагата за „Пулс“ и со други истраги. Тие не земаат никаква плата во моментов, ниту придонеси ниту здравствено осигурување, без никакво обвинение и без никаква потврда дека за истрагата што се води против нив ќе има обвинение. Може луѓето ќе излезат апсолутно невини. Само за полицајците нема никаква пресумпција на невиност. Луѓево шест месеци ни се без плати, не можат децата да ги однесат на лекар, им стигаат кредити зашто секој од нас има кредити. Каде и да е, ќе им се активираат и хипотеки и врз основа на што? – вели во изјава за „Слободен печат“ претседателот на полицискиот синдикат Мартин Ефремов.

И Тошковски го прозиваше Обвинителството

 

Петмина од новоосомничените полицајци биле во пензија

 

Од друга страна, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во голем дел од настапите јавно го прозиваше Јавното обвинителство зошто не постапува по кривичната пријава на МВР против полицајци што наводно незаконски издавале оружје.

– Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број докази против поголем број полициски службеници што незаконски постапувале во изминатиот период. За жал, до ден-денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту сме известени дека била сериозно разгледана од Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамките на нивна надлежност – тврдеше Тошковски.

Ефремов тврди дека, всушност, тоа е истото тврдење, односно дека Обвинителството постапува селективно, без никаков ред во пријавите.

– Обвинителството си реагира и си поведува постапки само за оние што сака, без никаков ред на примени кривични пријави. Ние како синдикат имаме поднесено кривична против Оливер Лукароски пред три години за злоупотреба на службена положба при унапредување на интерни огласи без исполнување соодветни услови. Обвинителството таа кривична веќе три години не ја работи, а од друга страна за други колеги си ги зема како ќе им текне – тврди Ефремов.

Независниот полициски синдикат со претставки за судии и најави за протест

Најголем дел од полицајците што не земаат плата и чиј работен однос е во мирување, се осомничени за трагедијата што се случи во кочанската дискотека. Од друга страна, родителите на загинатите се најгневни токму на полицајците што вечерта биле во дискотеката. И гневот на родителите кон полицијата, Ефремов го лоцира во Обвинителството, кое цело време ја насочувало истрагата кон полицајците, иако за нив уште нема обвинение. Накратко беа во притвор, а сега сите се бранат од слобода, односно се под мерки на претпазливост.

– Не е точно дека не беа во притвор. Притворот е мерка за обезбедување присуство. Обвинението е нешто што по автоматизам не ги осудува полициските службеници, односно самото отворање на истрагата. Ние сочувствуваме апсолутно со секоја жртва во „Пулс“. Таму загина наш колега. Сакаме правда за секоја жртва. Сите тие луѓе што биле вечерта таму, само затоа што биле опфатени со некој план веќе седум месеци не земаат плата. Еден од нив ако излезе невин, кој ќе му ја врати фамилијата што ќе ја изгуби сега поради платата што не ја зема и поради хипотеките? Кој ќе му го врати стажот, кој ќе му го врати стресот, кој ќе му ја врати осудата од јавноста? Осомничените полицајци не биле сите внатре вечерта, не може да генерализираме. Јас сум за секој што има вина, да биде докажано низ постапка, нека лежи и сто години. Не можеме ние да ги осудиме колегите без да видиме кој каде бил и дали воопшто преземал нешто или не – додава Ефремов.

ОЈОГОКК: Тврдењата се неосновани

 

Претседателот на Синдикатот тврди дека протестот нема никаква врска со локалните избори и бараат Обвинителството да реагира тоа што Комисијата за одлучување во втор степен, која е во надлежност на Владата, шест и пол месеци не одлучува по приговорите што ги поднеле тие на решенијата за мирување на нивните работни места, иако имала рок од 15 дена.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „Слободен печат“ велат дека тврдењата се неосновани со образложение дека одделението за гонење на полицајци постапува по пријави на Одделот за внатрешна контрола.

ФОТО + ВИДЕО | Нема да се откажеме од тоа што ни следува – Независниот синдикат на полицијата бара повисоки плати

-Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција​ при ОЈО ГОКК постапува по кривичните пријави поднесени од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР. Во таа насока неосновани се тврдењата дека обвинителството има некаква улога во однос на одлуките на погоре наведениот оддел во чија надлежност е спроведување на дисциплински постапки и донесување одлуки по истите – велат од ОЈОГОКК.

Полицајците излегуваат на протест во период кога се очекува ОЈОГОКК да донесе одлука дали ќе биде поднесено обвинение против осомничените полицајци за Кочани. Кога ќе биде донесена одлуката, не се соопштува, но од Обвинителството се категорични дека ќе бидат испочитувани законските рокови. Во меѓувреме, Кривичниот суд во целост го одобри првото обвинение против газдата на дискотеката, поранешни министри, градоначалници и други вкупно 34 осомничени.

На шест месеци од трагедијата, во кругот на полициската станица во Пробиштип, Синдикатот заедно со министерот Тошковски ја откри спомен-бистата на Тоше Тодоровски, загинатиот полицаец во дискотеката во Кочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот