Санта Марија Маџоре

Сиљановска-Давкова во Рим на средба со папата и со Матарела?

Нема официјална потврда од Кабинетот на шефицата на државата дали аудиенцијата кај папата Франциск ќе биде прва официјална посета на претседателката. Неофицијално, се прават напори при посетата на Рим претседателката да оствари и официјална средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја предводи државно-црковната делегација за одбележување на традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил, во Светиот Престол и во Рим. Нема официјална потврда од Кабинетот на Сиљановска-Давкова дали аудиенцијата кај папата Франциск ќе биде прва официјална посета на претседателката по нејзината инаугурацијата на 12 мај. Неофицијално, се прават обиди шефицата на државата при посетата на Рим да оствари и официјална средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Во комбинираната делегација што ќе ја предводи Сиљановска-Давкова ќе бидат и четворица претставници од Министерството за култура, предводени од заменик министерот Онур Али. Делегацијата ќе ја сочинуваат и членови на Кабинетот на претседателката, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, а неколкучлената делегација на МПЦ-ОА ќе ја предводи митрополит Тимотеј. Носителка на културната програма ќе биде националната установа Камерен оркестар, но во намален состав.
Според програмата, аудиенцијата кај папата е планирана за 23 мај, додека чествувањето на Свети Кирил е на 24 мај.

И во Бугарија редот му е на Радев

Најверојатно посетата на Рим ќе ѝ биде прва официјална посета, иако шефицата на државата веќе добила неколку покани. Иако побаравме од Кабинетот, оттаму не ни одговорија дали освен аудиенцијата кај папата, претседателката ќе се сретне и со други официјални лица. Нема потврда ни дали Сиљановска-Давкова ќе оствари средба со италијанскиот претседател.

-Агендата на посетата, како и составот на делегацијата се утврдува, за што подготовките се во тек. Кабинетот дополнително ќе ги соопшти деталите по однос на реализацијата на посетата –  ни рекоа од кабинетот.

Од Бугарија, исто така, нема потврда кој ќе ја предводи делегацијата, ама според ротацијата редот му е на претседателот на државата.

Претседателката завчера го прими амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, и тој ѝ честита на изборот и ѝ посака успешно извршување на претседателската функција. Сиљановска-Давкова истакнала дека двете земји имаат традиционално пријателски односи и изразила силна подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи со Италија, преку засилување на постојните и изнаоѓање нови можности за соработка. Од соопштението на Кабинетот на Сиљановска-Давкова нема детали дали се разговарало за евентуална средба меѓу претседателката и претседателот на Италија.

Не добивме одговор ниту за тоа дали претседателката ќе има заедничка активност со претседателот или премиерот на Бугарија. По потпишувањето на Договорот за добрососедство со источниот сосед, се практикува претставници од државниот врв на Македонија и на Бугарија да имаат заедничка активност по повод чествувањето на Свети Кирил.

Лани, кога македонската државно црковна делегацијата ја предводеше Талат Џафери како претседател на Собранието, тој едновремено со неговиот тогашен бугарски колега, претседателот на бугарскиот парламент Росен Желјазаков, во базиликата „Санта Марија Маџоре“ положи цвеќе, секој пред својата табла. Во црквата има две табли, напишани во чест на Свети Кирил, на македонски и на бугарски јазик. Тогаш Џафери изјави дека:

„Двајцата претседатели на парламентите, претставници на народите на нашите земји се состанеме и заедно покажавме уште еднаш дека, без оглед на она што се политички и партиски ставови, народите си имаат поинакво мислење по нештата што се заеднички, што се за добробит на граѓаните и на нашите институции. И од таа причина успеавме тоа да го направиме заеднички. Секој на својата табла положивме венец, секако покажувајќи уште еднаш дека парламентите се претставници на граѓаните и ние од името на граѓаните тоа го направивме“.

Претседателот на бугарскиот парламент Желјазков нагласи пред една година дека многу се радува што на овој убав празник, тој и Џафери успеале заедно положуваат венци „на нашите првоучители Кирил и Методиј“.

Заедничкото чествување почна со Заев и Борисов

Базиликата „Санта Марија Маџоре“ има посебно место во мисијата на Кирил и Методиј, бидејќи во неа папата Адријан Втори во 868 година ги осветил донесените книги што светите браќа ги подготвиле за да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи.

И во 2022 година чествувањето на светите браќа во Рим, за средба го искористија премиерите на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Тогаш средбата беше посветена на деблокада на македонскиот европски пат кон ЕУ. На средбата присуствуваа и министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

Претходно, во 2021 година, сега веќе експретседателот на државата Стево Пендаровски, при посетата на Светата столица заедно со претседателот на Република Бугарија Румен Радев оддаде почит на делото на светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели по завршувањето на церемонијата изјавија дека заедничкото чествување на светите Кирил и Методиј во Рим придонесува за јакнење на добрососедските односи и меѓусебната доверба на двете држави и двата народа. Тогаш Пендаровски со државниот авион на Република Бугарија, со Радев заминаа во посета на Италијанската Република и Светиот Престол.
Првото заедничко чествување беше во 2018 година, кога тогашните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, учествуваа во заеднички активности за чествување на делото на светите браќа, една година по потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот