
Сиљановска Давкова на средби со лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Препорачано
Задоволство од одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји, како и интерес за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес, пред сè на економски план биле во фокусот на средбата со Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина, информираат од Кабинетот на претседателката.
Со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар разговарале за иднината на Македонија во контекст на процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска Давкова упатила искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европската интеграција и истакнала дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.
– Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите-членки кога тоа е потребно во многу други случаи, претседателката Сиљановска Давкова порача дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигураме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласи дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската унија и да се потврди јасната посветеност на регионот – се додава во соопштението.
Сиљановска Давкова се сретна и со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
-На средбата претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за цврстата и континуирана поддршка од Хрватска во процесот на евроинтеграции, што е најдобриот пат за развој на нашиот регион и стабилноста на Европа. Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот – велат од нејзиниот Кабинет.
Таа посочила на потребата Европската Унија да ја потврди својата јасна посветеност на регионот, како што било направено на Самитот во Солун во 2003 година, а процесот на интеграција да се базира на исполнување на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во Унијата.