Сиљановска-Давкова Фото: Фејсбук Сиљановска

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Процесот Брдо-Бриони во Црна Гора

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Од Кабинетот на Сиљановска Давкова денеска информираа дека темите на дискусија на кои се фокусира самитот се надоврзуваат на декларацијата усвоена на минатогодишниот состанок на Процесот Брдо-Бриони и ги адресираат прашањата поврзани со младите и младинските политики, потребата од поголемо регионално поврзување, одржливиот развој и заштита на животната средина, како прашања од заеднички интерес за земјите од Западен Балкан.

На самитот што се одржува во Тиват и чиј домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, предвидено е учеството и на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Процесот Брдо-Бриони е формиран во 2013 година на заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска и го промовира дијалогот и соработката помеѓу шефовите на држави и Влади за прашањата од взаемен интерес, со крајна цел – интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот