
Шукова: Со три катни гаражи ќе се среди сообраќајниот хаос во Автокоманда
Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, на средба со жителите на населбата Автокоманда најави дека со три катни гаражи ќе го среди сообраќајниот хаос во населбата и вети изградба на Конгресен центар и нов Скопски саем во Гази Баба.
Препорачано
„Изградбата на модерен Конгресен центар ќе го постави Скопје на мапата на европски конгресни дестинации. Проектот претставува економски, туристички и културен ресурс со кој градот ќе може да биде домаќин на меѓународни конференции, научни и професионални собири и големи културни настани“, вели Шукова.
Паралелно со Конгресниот центар, Шукова најави и изградба на нов Скопски саем во Гази Баба. Новиот саем, според најавите, ќе има модуларни хали, конференциски сали, културни и комерцијални содржини, како и простор за мали и средни претпријатија и креативни сектори.
„Овој проект отвора нови пазари, ги поврзува локалните производители со странски партнери и создава услови младите да останат и да работат токму тука, во Скопје,“ додаде Шукова.
Таа најави и решение за долгогодишниот сообраќаен хаос во Автокоманда, каде што ќе се изградат три катни гаражи.
Како што вели Шукова, две од нив ќе бидат наменети за жителите, со сигурни и достапни паркинг места, а третата за вработените во околните компании, со цел да се ослободи јавниот простор и да се намали метежот.