
Штокер ја отвори политичката агенда: пензии, миграција, економија
Настапот на Штокер во летното интервју беше сигнал за потешки економски мерки и построг пристап кон миграцијата. Сепак, вистинската политичка есен ќе покаже дали неговите најави ќе се претворат во конкретни одлуки.
Австрискиот канцелар и лидер на Народната партија Кристијан Штокер го одржа своето прво летно интервју на австриската државна телевизија (ORF) и предизвика внимание со изјави за пензиската политика, миграцијата и економските предизвици. Во разговорот тој нагласи дека е потребно сите граѓани да дадат придонес во услови на висока инфлација и нестабилни меѓународни околности. Најавите што ги даде во пресрет на важните владини состаноци, социјалните партнери ги гледаат како сигнал за нови разговори и потенцијални промени во следните месеци.
Препорачано
Пензиите под инфлацијата и мерки за економијата
Една од најкоментираните изјави на Штокер се однесуваше на пензиите. Канцеларот посочи дека владата планира од 2026 година зголемувањето на пензиите да биде пониско од моменталниот инфлациски фактор од 2,7 проценти, што значи дека пензиите и натаму ќе растат, но со побавна динамика. Според него тоа би било правилен сигнал и покажување одговорност кон јавните финансии. Тој изрази надеж дека зголемувањето може да се приближи кон два проценти, иако конкретната бројка ќе биде предмет на владини и коалициски преговори.
Оваа порака значи дека пензионерите веројатно ќе добијат помалку од она што би следувало според автоматската инфлациска усогласеност. Аргументот на канцеларот е дека државата мора да штеди и дека сите треба да понесат дел од товарот.
Во однос на економските мерки Штокер зборуваше за цените на храната, кои според него би можеле да бидат осум проценти поевтини доколку се елиминира таканаречениот австриски додаток. Дополнително најави дека од осум милијарди евра државни субвенции ќе се бара заштеда од најмалку една милијарда, а паралелно истата сума ќе биде ставена на располагање за инвестиции во економијата. Како стимул за компаниите се разгледува зголемување на инвестицискиот одбиток од 10% на 20 проценти.
Енергетиката доби посебно место во интервјуто. Штокер порача дека ќе се бара вклучување приватен капитал за модернизација на мрежите и дека ќе се намалува бројот на оператори кои сега претежно се во јавна сопственост. Според него, во Австрија има премногу компании што управуваат со електроенергетските мрежи, па потребно е нивно спојување или реорганизација за поголема ефикасност и подобро користење на ресурсите.
Миграцијата повторно во фокус и политички дилеми
Втората главна тема во разговорот беа миграцијата и депортациите. Штокер ја истакна потребата од правни механизми што ќе овозможат враќање на странски државјани кои немаат право на престој, особено ако се сторители на кривични дела. Тој беше јасен дека ќе се бара легален начин за враќање на лицата од Сирија и Авганистан назад во нивните матични земји, нагласувајќи дека како канцелар неговата обврска е за безбедноста во Австрија, а не за условите на живот на депортираните во нивните матични држави.
Конкретен пример беше случајот со сириски државјанин осуден на седум години затвор, кој по издржување на казната бил вратен во Сирија. За Штокер тоа е исправен потег и дел од принципот дека оние што се криминално активни и немаат престојна дозвола мора да ја напуштат земјата.
Канцеларот се осврна и на високите трошоци за енергија и побара умереност при следните колективни преговори за плати, кои во Австрија се одвиваат помеѓу работодавачите и синдикатите, бидејќи според него токму тие преговори имаат голема улога во борбата против инфлацијата. Истовремено оцени дека Соединетите Американски Држави станале помалку сигурен трговски партнер и ја отвори можноста Австрија да бара нови пазари и повеќе договори за слободна трговија со различни партнери.
На политички план остана неодговорено прашањето за можната соработка со лидерот на Слободната партија Херберт Кикл. Штокер само нагласи дека политиката не е концерт по желби и потсети дека за многу закони потребна е двотретинска поддршка во парламентот. Ha есен според него ќе има можност да се види кој е подготвен за конструктивна соработка.
Cо овие пораки Штокер го искористи летното интервју за да испрати јасни сигнали, а вистинската политичка есен во Австрија ќе се отвори со буџетските расправии и преговорите за реформите.