Агенција за национална безбедност АНБ

Што се крие во АНБ – бомби, петарди или ќор-фишеци?

ВМРО-ДПМНЕ аферата ја конструирала за предизборни цели. Мицкоски се плаши од декласификација за да не им експлодира аферата како петарда во рацете, рече лидерот на СДСМ Венко Филипче

ВМРО-ДПМНЕ да не се плаши и да ги декласифицира материјалите со кои се тврди дека премиерот Христијан Мицкоски и неговото семејство биле следени, побара и вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче. Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ аферата ја конструирала за предизборни цели и дека Мицкоски се плаши од декласификација на документите за да не им експлодира аферата како петарда во рацете. Филипче обвини и дека при посетата на пратениците во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) бил прекршен Уставот, бидејќи на членовите на собраниската комисија не им бил дозволен увид во материјалите. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и член на собраниската комисија за надзор Драган Ковачки по увидот во АНБ и во Агенцијата за разузнавање распали по обвинителството.

– Упорно баравме и бараме декласификација на материјалите и гледаме дека таква активност нема. Не знам што мислеше ВМРО-ДПМНЕ кога го пушти скандалот преку својата партиска говорница и преку своите портали ,дека ние ќе се исплашиме“. Но, ние немаме од што да бегаме, вистината е една и ако излезе на виделина ќе видат граѓаните дека во време на владеење на СДСМ нема апсолутно никаква злоупотреба на АНБ, ниту некакво незаконско следење или прислушување – рече Филипче.

Клучот за расчистување на аферата, тој вели дека е во декласификација на материјалите.

Фото: СДСМ

– Жалам што вчера ниту на пратениците не им бил даден увид во тие материјали, иако тоа се пратеници што имаат соодветни безбедносни сертификати, и со тоа на некој начин се гази Уставот. Не може во име на судската власт целосно да се занемари улогата и јачината на законодавната власт, а тоа е само уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не сака вистината да излезе на виделина поради тоа што ќе им пукне како петарда во рацете, односно ќе биде сосема јасно дека тие сакале да конструираат афера, еве, во прилог на подгревање некаква предизборна атмосфера – вели Филипче.

Според него, со декласификацијата ќе стане јасно кои луѓе или групации биле следени, дали премиерот комуницирал со тие луѓе или групации и зошто тие луѓе или групации биле следени и дали имало злоупотреба во насоките дадени кои луѓе или групации требало да бидат следени и дали тие биле прислушувани.

– Зошто има потреба да се плаши некој, да се замајува јавноста, да се бега од вистината. Прост е механизмот, може да ги декласифицира материјалите институцијата која тие документи ги класифицира, а тоа е самата АНБ. Не е изговор дека материјалите сега биле во Јавното обвинителство и не може да им се даде на увид на пратениците, секогаш има копија. Апелирам да не се бега од вистината, затоа што ние ниту од нешто, бегаме, ниту криеме, ниту СДСМ се плаши од нешто – рече Филипче.

Собраниската комисија денеска  направи увид и во Агенцијата за разузнавање откако вчера беше во АНБ. И од Собранието соопштија дека АНБ не им ги дала на увид документите кои според раководството на Агенцијата содржат информации за злоупотреби во тајната служба. Од АНБ се повикале на истрагата на Обвинителството за случајот. Според ова, пратениците, иако имаат сертификат и обврска за надзор, немале увид во документите.

Комисија за надзор на АНБ / Фото: Слободан Ѓуриќ – Слободен печат

– Директорот информираше и дека се доставени известувања до надлежно Јавно обвинителство кое постапува во конкретниот случај. Од тие причини пратениците немаа можност за увид во документацијата – се вели во соопштението на Собранието.

И покрај непокажаните документи, Собранието преку соопштението констатира „неправилности и недостатоци, односно за непрофесионалното и незаконито постапување во Агенцијата, во периодот од 2019 година до 2024 година“ и во врска со тоа ги информирал директорот на АНБ Бојан Христовски.
За барањето на СДСМ за декласификација на материјалите Мицкоски не сакаше да коментира и рече дека обвинителството има процедура.

– Си има процедура Обвинителството, во нивни раце е, така што на таа тема повеќе нема што да додадам. Сепак, тоа се теми во кои сум бил индиректен учесник и не би имал што да кажам – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото. Фејсбук Мицкоски

Прашан за поплаките од опозицијата дека вчера не им бил дозволен увид во документација во АНБ, Мицкоски рече дека „не би сакал да коментира такви класифицирани работи“.
По увидот во двете агенции  на Фејсбук се огласи Ковачки.

„По денешната посета, тоа што може да го заклучам е дека Јавното обвинителство треба да се ‘издига на клоци’. Ценам дека имаме класични прекршувања на законите и злоупотреби за кои досега морало да има обвинение! Мора да се расчисти со филм-мејкерите на чело со нивните наредбодавци. Холивуд може вода да носи! Не смее да има застарување на предметите под плаштот на класифицираност на постапки, а не смее да има и јавно објавување и ‘забава за народ’ заради легалноста на постапката! Поради природата и сензитивноста на состојбите, имајќи предвид дека сум обврзан, нема да зборувам повеќе“, напиша Ковачки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот