Што сака Европа?

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Овој текст настанува во четврток наутро, еден ден пред конечната одлука дали шефовите на влади на Европа ќе ѝ го дадат тој „фамозен датум“ на мојата земја со име Република Северна Македонија. Па, сега, се прашувам, што јас би можел да напишам во врска со тоа, знаејќи дека единствена пречка за добивање на датум е, барем од досегашните најави за противење од проширување, Република Франција, односно претседателот Макрон, лично.

Имено, Франција и натаму се противи на проширувањето на Европската Унија. Цело време ги читам изјавите на Макрон, обидувајќи се да проникнам што, всушност, сака да ни каже тој Француз. А, колку што разбирам, убедувајќи се себеси дека разбирам, Макрон сака да ни каже дека стравува од проширување, бидејќи „ние и Албанија“ би можеле на Унијата да ѝ направиме нови проблеми. Односно, Европската Унија се движи по онаа танка линија преку која сопствената хуманост ќе ѝ се удри од глава. Но, дозволете за момент да излеземе од дневнополитичките дискурси и да се вратиме на основите што би ги нарекол „Talk No Bullshit“.

Империјален проект

Да се вратиме, имено, на основите: што, всушност, сака Европа? Или, да се обидеме вака: процесот на проширување најпрво е империјален проект. Пристапувањето на таа империја функционира според максимата: прво стандарди, потоа членство. Во некоја смисла, членството во Европската Унија би значело голема бенефиција. Постојат, имено, низа од квалификациски испити кои мораме да ги положиме ако сакаме да се квалификуваме за влез во империјата. Откако ќе ги положиме квалификациските испити, како би можела империјата да спознае дека сме достојни да бидеме идни членови во Европската Унија. Мора да бидеме внимателни и прецизни, е тогаш империјата ќе нè прими во своето семејство.

Постојаните колонијални војни, а сега замислете го тоа, Британија во 1815 година да ја молеше Франција за да биде дел од себе, во тој случај се поставува прашањето: како Британија тогаш ќе ја држеше светската моќ и сигурната водечка позиција? Или, пак, замислете, Франција да диктираше услов, под кој Алжир заслужува да стане нејзина колонија?

Во политологијата, Херфриед Мунклер е силно име во Германија. Човекот предава политичка теорија во Берлин на универзитетот Хумболд. Мунклер пишува дека „секое царство поминува во две фази: ширење и консолидација, со тоа што фазата консолидација е ‘поцивилизирана’.“ Во текот на фазата „ширење“, империјата воспоставува воена и економска надмоќ, додека во фазата „цивилизирање“ ја зацврстува моќта на политички и идеолошки план. Натаму, Мунклер вели: „Европа ќе ја преземе улогата на големо царство на Западот, на идентичен начин како што САД ја презеде Британската империја“. Во своите анализи, Мунклер во есејот со наслов „Европски империјален предизвик“, во последните реченици вака ни вели: „Надворешните граници на ЕУ не се исто што и границите на шенгенските подрачја, ниту тоа се границите од еврозоната. Тој модел нужно и дополнително ќе се развие, така што надворешните граници ќе станат стабилни и еластични. Тоа ќе го опфати и остварувањето на влијанието на периферијата од ЕУ, на начин што ќе имаат поголема сродност со барањата на империјата отколку со барањата на внатрешниот државен систем. Затоа што европската иднина не може да се одржи без преземање елементи од империјалниот модел.“

Периферијата на Европа?

Сега се поставува прашањето: кои се тие земји што ја сочинуваат периферијата на Европа? Ние. Како угледниот теоретичар на политологијата ја објаснува политиката на Европа кон периферијата, односно кон нас? Како политика на империјален модел која е сродна со „вредностите на империјата“, отколку што треба да биде сродна со политиките кон внатрешниот државен систем.

Противењето на Макрон не е никаква „длабокоумна стратегија“, туку изнуден тактички потег. На Макрон во врат му дише евроскептикот Марин Ле Пен, на чии поддржувачи тој настојува да им удоволи со изјави за прекинување на преговорите за проширување. Проблемот на Макрон не е Северна Македонија, туку Ле Пен.

Нашиот проблем, пак, ако евентуалното запирање на процесот за проширување продолжи (поради оваа или онаа причина, сосема сеедно) навистина е лоша околност за нас. Нашиот влез во Европа (во империјата) е навистина најдобра можна опција што ни преостанува. Затоа што алтернативата на тоа не е никаков антиимперијален, слободарски или еманципаторски проект. Јок, море! Алтернативата на Европа е јакнење на нашите национализми, слабеење на демократијата, јакнење на авторитарните тенденции, уште по екстремна корупција, и на крајот, нова војна.

Точно е кога нашите политичари велат дека ние ѝ требаме на Европа како што Европа ни треба нам. Со тоа, тие зборуваат една вистина. Додуша, тие не ја објаснуваат докрај таа заемна „потреба од потребност“. Ние на ЕУ сме им потребни како оние кои таа империја ќе ја прошират – оти ако империјата, според Мунклер, не се шири, таа се собира и пропаѓа. Ширењето на империјата нема алтернатива. Нам ЕУ ни е потребна и како господар кој ќе биде хуман и просветен. Затоа што таа историска цел за нас нема цена. Господарот нема алтернатива.

Конечно, Северна Македонија не се соочува само со своите конфликти и внатрешни слабости, туку се соочува и со т.н. европски замор од проширување. Што е еуфемизам за недоверба кон проектот „Европа обединува“. Граѓаните во самата Европа имаат кон неа сè поголема скепса. Северна Македонија, пак, влегување во Европа го гледа како хепиенд од својата историја. Од друга страна, граѓаните што веќе се во Европа, денес ја гледаат како „музеј на напуштени европски вредности“ (Виктор Иванчиќ). Оние, пак, кои нас нè гледаат како варвари, згодно е да ги потсетиме… Велат, тогаш кога царството беше уморно, а Римјаните премногу декадентни за да можат да одберат што е добро за себе, варварите беа последните што веруваа во големината на Рим. На извесен начин тоа од нив направи „последни Римјани“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот