Штип не смее да остане без гранката која храни илјадници работници- ќе се спаси ли текстилната индустрија?

Почна „Текстилијадата“ во Штип, се разговара за актуелните состојби, но и за излез од оваа сериозна криза која од јануари до јуни остави без работа дури 5.000 текстилци

Текстилната индустрија во земјава заслужува да добие целосна поддршка од државата, а Штип како некогашниот македонски Манчестер, мора да остане центарот на модата, рече Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“ на отворањето на деветтата по ред Текстилијада. Таа направи споредба меѓу Штип и градот Борос во Шведска, кој имал долга историја како текстилен центар и во 60-тите и 70-тите години на минатиот век се соочил со криза, од која била најпогодена текстилната индустрија. Треба ли да се направи државна стратегија, праша Ампева.

-Во тој период многу текстилни компании се затвориле и надворешната миграција се зголемила, односно, третина од работниците заминале од градот. Но, локалната власт, работодавачите и синдикатите седнале на иста маса и заклучиле дека текстилната индустрија во Борос мора да опстане, бидејќи нема друго решение. Од овој пример мора да го следиме и не дозволиме нашиот град да остане без основната индустриска гранка – поентираше Ампева.

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, се согласи дека македонската текстилна индустрија е под голем удар, за што има повеќе причини, но треба да се заборави дека секторот учествува со 2,5 во БДП и вработува меѓу 25 и 30.000 лица, што е показател дека државата мора да има посериозен пристап кон него.

– Проблемот е сериозен, погодени се компании и ние како влада ќе имаме посериозен пристап за да ги задржиме вработените и што полесно да ја преброди оваа криза, која не е прва. Целта ни е компаниите да станат постабилни и поиновативни за да бидат поконкурентни. Како Министерство за економија и труд имаме голем број мерки кои се наменети за целото стопанство, а бидејќи текстилната индустрија е поврзана со другите сектори, компаниите од секторот морат да бидат поактивни – рече Ристески, упатувајќи критика до текстилните менаџери да бидат поактивни во искористувањето на средствата од унгарскиот кредит.

Но, истражувањето на „Гласен Текстилец“ и Локал Актив, покажа дека од 487 компании кои добиле пари од унгарскиот кредит, само 15 биле текстилни, што ќе рече само 1,74 отсто од овие пари завршиле во текстилните компании. Во моментот во Штип има меѓу 60 до 70 текстилни компании, а од јануари до јуни, 5.000 текстилни работници останаа без работа.

Александар Патраклиев од „ЕАМ“, праша дали текстилните компании се уште имаат душа да работат, а кредитите се како човек да го држиш на аспиратор, тие може да го олеснат работењето само во одреден период.

-Во Штип нема реално невработени, нема повеќе луѓе ни за новите компании кои се отвораат во Технолошката зона. Текстилната индустрија се уништува цели 30 години, а ЛОН системот кои нашите фирми го прифатија како полесен, сега се покажува како целосно непогоден, бидејќи многу тешко ќе го фатиме чекорот со новите трендови и технологии. Нема ученици, нема мајстори, од каде ќе црпиме кадар? Ниту едно дете не се определува да учи во текстилниот смер, поучени од лошото искуство од нивните родители зад машините. Немаме ниту базична индустрија. Бараме да имаме исти услови како оние во ТИРЗ зоните, олеснет пристап до кредити и пониски камати – предложи Патраклиев?

Според него во ЕУ се враќа трендот „Мејд ин Европа“ и како индустрија имаме голема шанса да фатиме дел од него, бидејќи европските компании не сакаат да патуваат во далечните земји, а добро не познаваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот