
Шест милијарди евра ѝ се ставаат на располагање на Македонија, вели Николоски од Лондон
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Обединетото Кралство, а утре во Лондон ќе го потпише најавениот договор за стратешко партнерство меѓу двете држави.
Препорачано
„Се работи за пет милијарди фунти кои ѝ се ставаат на располагање на Македонија, нешто што беше потврдено од Инструментот за поддршка на надворешното финанисирање. Можам со задоволство да кажам дека овие пет милијарди фунти или шест милијарди евра по овој состанок и дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Може да се користат за проектно финансирање, врзани се со проекти, што значи дека ќе носат додадена вредност за Македонија“, изјави Николоски.
Тој рече дека станува збор за проекти во транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата, како и во областа на животната средина.
„Разговаравме три сета на проекти. Едниот е брзата пруга на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, вториот е изградбата на болниците во Кичево, Тетово и во Штип, а третиот изградба на медицински факултет и студентски дом во Штип. Ова се три сета проекти што се веќе потврдени. По потпишувањето на договорот влада со влада утре и ратификацијата во македонското Собрание, ќе почнеме и официјални разговори во однос на начините на финансирање и начините на реализација на овие проекти и многу бргу ќе можеме да излеземе со тие детали“, рече Николоски.
Во македонската делегација се и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, а утре ќе им се приклучи и министерката за образование Весна Јаневска.