
Шенгенот на пауза: Граничните контроли стануваат сè почеста појава во ЕУ
Граничните контроли стануваат сè почеста појава во Европската Унија, сериозно предизвикувајќи ја суштината на Шенген зоната – просторот за слободно движење без внатрешни граници. Полска стана дванаесеттата европска земја што го презеде овој чекор, следејќи ја праксата на неколку свои соседи. Иако легислативата на ЕУ предвидува можност за привремени мерки, зачестената и продолжена примена на контролите ги загрижува европските институции и ја доведува во прашање иднината на една од највредните придобивки на ЕУ.
Препорачано
Полска го следи примерот на Германија
Како што пишува „Дојче Веле“, а објавува и сараевскиот портал Klix.ba, целта на Шенген зоната е токму спротивна – укинување на границите и слободно движење, па затоа прашањето останува: може ли ЕУ сè уште да ја спаси слободата на патување?
Полска сега е дванаесеттата од 29-те земји-членки на Шенген зоната што воведува гранични контроли, како директна реакција на засилените контроли што Германија ги спроведува на својата граница со Полска со денови.

Не е изненадувачки, според Паскал Аримонт, член на Европската народна партија (ЕПП), бидејќи во сè повеќе влади на земјите-членки преовладува идејата дека граничните контроли не се нужно негативни и дека се покажале како функционални.
„Но, токму затоа тие треба да се третираат со голема претпазливост – секогаш треба да се гледаат во европски контекст“, вели Аримонт, белгиски член на Европскиот парламент.
Тој ја повикува Европската комисија да спроведе правна анализа за да провери дали мерките се воведени во согласност со член 25 од Шенгенскиот закон.
Правната рамка дозволува привремени контроли
Член 25 од Шенгенскиот кодекс навистина дозволува привремено враќање на граничните контроли – за период од десет дена, без претходна најава, доколку постои непосредна закана, како сомневање за терористички напад.
Понатаму, можни се дополнителни продолжувања до шест месеци, а во исклучителни случаи и до две години – ако се загрозени јавниот ред или внатрешната безбедност. Големиот прилив на мигранти често се користи како оправдување за овие мерки.
Европската комисија постојано нагласува дека контролите мора да бидат временски ограничени и да се користат исклучиво како последно средство. Според портпаролот на Комисијата, Маркус Ламерт, и соседните земји и самата Комисија мора да бидат информирани за секоја ваква одлука. Тој нагласува дека има континуирана комуникација со сите засегнати страни.
„Замижување“ пред долготрајните контроли
Сепак, сè почесто се случува Комисијата да не реагира на прекумерното продолжување на мерките. Така, контролите во Баварија на германско-австриската граница се активни од есента 2015 година, а Данска формално ги обновува контроли на границата со Германија веќе осум години.
Европската комисија нема овластување да ги забрани веќе најавените контроли. Таа може само да даде мислење за нивната оправданост и пропорционалност, без обврзувачка сила.
Расте загриженоста за иднината на Шенген
Не е јасно дали сите тековни гранични контроли низ Европа се навистина оправдани. Покрај Германија и Полска, контроли спроведуваат и Франција, Холандија, Австрија, Италија, Словенија, Данска, Шведска, Норвешка, Шпанија и Словачка. Белгија – како тринаесетта земја – најави воведување контроли за време на летната сезона.
Станува збор за загрижувачки тренд, според европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунер, кој потсетува на вредностите што ги донесе Шенген:
„Ова мора да престане. Ние мора да ја исполниме нашата должност како Европска комисија – истакнува тој.
Тој повикува на брза примена на Пактот за азил и миграција.
„Ги повикуваме земјите-членки да го забрзаат тој процес“, додава тој.
Надеж во новиот Пакт за азил и миграција
Многумина во Брисел сè уште веруваат дека Шенгенскиот режим – слободата на движење во Европа – може да се спаси ако Пактот за азил и миграција биде целосно имплементиран до летото 2026 година. Клучот за ова, пред сè, лежи во поефикасна заштита на надворешните граници на ЕУ.