
Шах: Рововска битка Динг-Гукеш за светската титула
Кинезот освои цел поен во првата партија, а Гукеш одговори со победа во третата. Сите други партии завршија со реми
Велемајсторите Динг Лирен и Гукеш Думараџу ремизираа и шести пат во низа во дуелот за светската шаховска титула. На средината од мечот, по девет одиграни партии, резултатот е изедначен.
Препорачано
Кинезот Денг (32), кој своевремено настапуваше и за скопски Алкалоид, е во улога на бранител на титулата, а предизвикувач е 18-годишниот Индиец Гукеш, кој важи за предводник на новата генерација талентирани велемајстори.
Дуелот Динг-Гукеш почна остро, без вообичаеното одмерување на силите. Кинезот освои цел поен уште во првата партија, и тоа со црни фигури, а Гукеш одговори со победа во третата. Сите други партии завршија со поделба на поенот. До крајот на мечот остануваат уште пет партии.
Неприкосновениот Норвежанец Магнус Карлсен, кој е прворангиран на листата на ФИДЕ и важи за најдобар шахист во изминатите 15 години, лани реши да не ја брани титулата, наведувајќи дека нема мотиви за долги подготовки, а и годинава ја одби поканата да учествува на турнирот на кандидатите.
– Би рекол дека главната причина е дека не уживам. Едноставно тоа – изјави Карлсен.
Динг, кој по освојувањето на титулата пропушти многу турнири, сега е дури на 23 место на светската листа, со рејтинг од 2728, а Гукеш е петтопласиран со рејтинг од 2783. На врвот на листата е Карлсен со рејтинг 2831.