
Ана Лирман: Северна Македонија има избор
Денес, 15 јуни, германскиот Бундестаг ќе дискутира за барање со кое германските претставници и претставнички на народот ја изразуваат својата длабока почит кон македонските идентитет, култура и историја и понатаму ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот реформски пат во правец кон ЕУ. Ги повикувам сите партии и пратеници што се застапени во Собранието на Северна Македонија да гласаат за уставната промена.
Северна Македонија има избор дали ова лето ќе направи одлучувачки чекор во правец кон членството во ЕУ. Чекор што ќе го отвори патот за отворањето на првите поглавја од пристапниот процес на ЕУ. Брзи, одлучни чекори во правец на ЕУ се во интерес на граѓанките и на граѓаните на Северна Македонија, бидејќи тие сосема непосредно ќе имаат полза од членството во ЕУ на Вашата земја, било да е преку програми за размена или за унапредување или преку финансиска поддршка при изградба на инфраструктура. За тоа сега се потребни: веродостојни реформи, зајакнување на правната држава и борбата против корупцијата како и приспособување на стандардите на ЕУ во сите политички области.
Препорачано
И Германија сака да ја види Северна Македонија во ЕУ – тоа беше пораката од сојузниот канцелар Шолц, сојузниот претседател Штајнмајер и од министерката Бербок, при нивните посети на Скопје. Ја нагласив оваа порака и нашата поддршка исто така и при моите вкупно три посети, кои во изминатите месеци ме водеа во Скопје: бидејќи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ би било заемно збогатување, во тоа сум цврсто убедена.
Но, решавачки за тоа е успехот на многу дискутираната уставна промена со која овие денови ќе се занимава Собранието на Северна Македонија. Таа е услов за натамошни чекори во пристапните преговори. ЕУ и Северна Македонија постигнаа компромис за тоа, со целосна политичка заложба на Германија и на другите земји членки на ЕУ. Несомнено: овој компромис бара многу од Северна Македонија. Но, тој е најдоброто решение што го отвора патот за следните чекори на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.
Уверена сум дека Северна Македонија ќе го направи овој важен чекор на уставните измени за да се унапреди и понатаму пристапниот процес во ЕУ и со отворањето на поглавјата да се овозможи натамошен напредок во пристапниот процес.
Конкретно, станува збор за втемелување во Уставот на малцинствата што живеат во Северна Македонија. Освен припадниците на бугарската, треба експлицитно да се наведат и припадниците на хрватската, црногорската, словенечката, еврејската и на египетската заедница. Тоа е во согласност со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа и со Основните начела на Европската Унија. Грижите дека со оваа уставна промена македонскиот народ би можел да се откаже од делови на својот идентитет се целосно неосновани. Напротив: ако малцинствата се заштитени и со Устав, се покажува колку е јака правната држава.
Денес, 15 јуни, германскиот Бундестаг ќе дискутира за барање со кое германските претставници и претставнички на народот ја изразуваат својата длабока почит кон македонските идентитет, култура и историја и понатаму ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот реформски пат во правец кон ЕУ.
Вклучувањето различни групи малцинства во Уставот не ја јакне само заштитата на малцинствата, туку и мултиетничкиот карактер на Северна Македонија, кој служи како пример во регионот. Тоа соодветствува и на европската идеја: обединети во разноликоста!
Затоа ги повикувам сите партии и пратеници што се застапени во Собранието на Северна Македонија да гласаат за уставната промена. Тоа е глас за иднината на Северна Македонија во ЕУ. Тоа е глас за благодатот на нашите пријателки и пријатели што живеат во Северна Македонија. Заедничка иднина што сите ја сакаме, што е реалистична и достижна. Јас можам да ветам дека Северна Македонија и во иднина може да се потпре на целосната поддршка на Германија при секој чекор во правец на ЕУ. Дозволете заедно да чекориме по овој пат – вреди!