
Семејството Трамп заработи шест милијарди долари со новата криптовалута „Ворлд Либерти Фајненшл“
Семејството на американскиот претседател Доналд Трамп стекна околу шест милијарди долари откако започна да тргува со нивната нова дигитална валута World Liberty Financial (WLFI), пишува „Волстрит џурнал“.
Препорачано
Тројца од синовите на Трамп – Доналд Трамп помладиот, Ерик и Барон – се коосновачи на „Ворлд Либерти Фајненшл“, додека Доналд Трамп е назначен за почесен коосновач. Семјејството поседува приближно една четвртина од сите токени на WLFI.
Иако токените на основачите се „заклучени“ и формално не можат да се продадат, почетокот на тргувањето овозможи пазарна проценка на нивната вредност. Според податоците од CoinMarketCap, во првиот час се тргувале токени во вредност од една милијарда долари, што ја проценува вредноста на уделот на семејството Трамп на повеќе од шест милијарди долари „на хартија“.
Британскиот „Индепендент“ предупредува дека тргувањето со токени носи ризик, бидејќи продажбата дури и на мал број може да предизвика пад на цените. Дополнително, некои аналитичари стравуваат дека WLFI може да се користи како канал за влијание врз семејството Трамп и инвеститорите.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека „ниту претседателот ниту неговото семејство никогаш не биле, ниту пак некогаш ќе бидат вклучени во судир на интереси“.
Освен WLFI, семејството Трамп контролира и „мемекоин“ наречен $Trump, како и малку повеќе од половина од „Трамп Медиа“, оператор на социјалната мрежа „Трут Сошнал“, чии криптовалути се проценети на 2,5 милиони долари.