
Седум години нема правда за загинатиот Иван Билински
Во март 2017 година скопскиот Кривичен суд го осуди Џенис Мекиќ во отсуство на две и пол години затвор, Апелацискиот суд ја потврди пресудата, но Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување.
Изминаа седум години од трагичната смрт на 15-годишниот Иван Билински од Скопје, кој загина на пешачки премин во близина на Католичката црква. Судењето за оваа трагична сообраќајна несреќа се повторува од почеток, откако Врховниот суд ја поништи првата пресуда поради пропусти во постапката.
Препорачано
Перса Билински, мајката на Иван, од судската покана дознала дека Врховниот суд на Македонија ја поништил првостепената пресудата и предметот го вратил на повторно одлучување. Во март 2017 година скопскиот Кривичен суд го осуди Џенис Мекиќ во отсуство на две и пол години затвор откако беше прогласен за виновен за сообраќајката во која животот го загуби малолетниот Иван. Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда, но Врховниот суд ја врати на повторно одлучување по барање на одбраната на обвинетиот. Одбраната и натаму тврди дека предизвикувач на несреќата е друг возач со црвена „хонда“, а не возилото „туарег“ како што тврди обвинителството.
Трагичниот настан се случи на раскрсницата од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „9 Мај“, во ноември 2014 година, Според сведочењето, Иван и двајца другари заедно ја минувале улицата. Откако возилата што се движеле од Центар им дале предност, тие стигнале до половина пешачки премин, но Иван продолжил и на него со голема брзина наишло црвено возило „хонда“ кое не му дало предност, но успеало да го заобиколи и да не удри во него. Неколку секунди потоа џипот „туарег“, кој го управувал Џенис Мекиќ, директно удрил во момчето. Според обвинителството, џипот се движел со брзина од 100 километри на час, но според вештачењата тој се движел со 69 километри на час. Веднаш по ударот, откако телото било исфрлено неколку метри, другарот на Иван го повикал својот татко, кој бил возач во итна медицинска помош. Екипата била во непосредна близна и веднаш го пренела Иван во Ургентниот центар, но тој им подлегнал на повредите.
Досега се одржани четири рочишта од повторниот судски процес. Сите се одржуваат без обвинетиот Мекиќ, кој е во бегство. Неговиот доскорешен адвокат Асмир Алиспахиќ вели дека не знае каде е обвинетиот и тврди дека нема никаков контакт со семејството Мекиќ. Ниту полицијата не го наоѓа Мекиќ. Во достава до судот пишува дека обвинетиот е надвор од државата, најверојатно во Австрија.
Доколку обвинетиот биде осуден, ако некогаш се врати во Македонија, има право да бара повторување на процесот. Со повторувањето и укинувањето на првата пресуда од страна на Врховниот суд, истекува времето за пресуда и целиот случај може да застари. Законските рокови за застарување се десет години од денот на кривично-правниот настан, а досега веќе поминаа седум години.