фото: МИА

Се зголемува бројот на медиуми кои ги напуштаат агрегаторите на вести

Причината за повторното појавување на некои од медиумите на агрегаторите на вести е отказниот рок предвиден во договорот

И покрај најавата и известувањето од над 50 македонски интернет медиуми дека ги напуштаат агрегаторите на вести, и нивното барање да бидат отстранети денеска, утрово дел од нив повторно се појавија на агрегаторите. Меѓу нив беше и Плусинфо.мк од каде што велат дека причината за агрегирање на нивните содржини е отказниот рок предвиден во договорот.

– Договорот склучен меѓу Плусинфо и Тајм предвидува отказен рок. Сопственикот на агрегаторот, се разбира, може да одлучи во тој рок и натаму да ги агрегира нашите содржини, но тоа нема да го промени нашиот принципиелен став. Плусинфо е активен член на здружението Онлајнмедиа, а јас лично сум еден од креаторите на законското решение со кое во Законот за авторски и сродни права за прв пат се воведува новинарско авторско дело. Не знаеме до кога сопственикот на агрегаторот Тајм.мк ќе ги агрегира нашите содржини во отказниот рок, но јавно му сугерирам да се фокусира на отворената можност да разговара со интернет порталите – објави уредникот на Плусинфо, Бранко Героски на Фејсбук.

Повеќе од 50 македонски интернет медиуми одлучија да ги напуштат агрегаторите на вести, откако вчера на средба зазедоа заеднички став дека добиените известувања и предлог договори од страна на агрегаторите, за преземање содржини без надомест, се неприфатливи. Потписниците на овој став и тие што подоцна се придружија бараат да бидат отстранети од агрегирање од денеска, 21 мај.

Бројот на интернет медиумите кои се придружуваат кон оваа одлука расте и денеска, така што во моментов повеќе од 50 портали бараат доследно почитување на Законот за измени и дополнувања на Законот за авторски и сродни права, кој ги обврзува агрегаторите да склучат договори со интернет медиуми за агрегирање содржини со надомест.

Ова се информативните и други портали кои до објавувањето на оваа вест (21 мај, 12 часот) го споделуваат овој став (по азбучен ред):
А1ОН, Бриф, Вистина, Денар, Денешен, Експрес, Еспресо, 24Инфо, Капитал, Канал 77, Кумановски муабети, Курир, Либертас, Лидер, Локално, МКД, MMС, Независен, Нова Македонија, НЕТ ПРЕС, 4NEWS, Офф нет, Опсервер, Плусинфо, Прес 24, Република, Рацин, Слободен печат, 360 Степени, Телеграфи, Точка, Трн, Фактор, Фокус и Црнобело.

Спортските портали (по азбучен ред):
Екипа, Гол, Дерби, Макфудбал, 24Фудбал, Кош, 24Ракомет, Спорт 1, СпортМ, Спортманија, Спортспорт, Спортски и Суперспорт.

Со свој потпис ставот го споделуваат и порталите на македонските телевизии (по азбучен ред):
Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот