Пожар / Фото: МИА

Сè уште активен пожарот кај Пепелиште, нема опасност за населбите и инфраструктурата

Нема опасност за населбите и инфраструктурата од големиот пожар кај армискиот полигон „Пепелиште“, со опсег од десетина километри, а гаснењето продолжува, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“, појаснија од Центарот.

– Опасниот крак од пожарот што ги загрозуваше селата Пепелиште и Војшанци, вчера е изгаснат, така што веќе не постои опасност од пожарот за двете села – истакнаа од ЦУК.

При утринската координација на ТППЕ од Неготино, ЦУК и МВР, било одлучено хеликоптер на МВР, утрово, да дејствува на теренот каде што е пожарот во правец од село Војшанци, кон сртот на планината Серта, за пожарот да не се префрли кон Конечка Планина. Таму има густа вегетација од ниска шума, нискостеблеста иглолисна вегетација и висока трева.

– Дел од екипите на пожарникарите од ТППЕ и јавните комунални претпријатија од Неготино се концентрирани на поголемите жаришта од пожарот на планината Серта. Тие екипи, заедно и со дел од мештаните, континуирано дејствуваат во тој предел за да го стават пожарот под целосна контрола. Целата операција на дејствување врз пожарот е задолжен да ја води командирот на ТППЕ и по негова процена, дека има потреба од дополнителни ресурси за справување и гаснење на пожарот, преку градоначалникот на општина Неготино, ќе ги побара од соседните општини –  соопштија од ЦУК.

Армискиот хеликоптер „ми-17“ е планирано да се вклучи во гаснење на пожарот денеска околу 12 часот.

– Утрово, ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“ (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, што обезбедува оперативна поддршка во управувањето со границите, како помош и во нашата држава) – споделија од Центарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот