
Се трошат европските резерви на работна сила: Брисел ќе го олеснува носењето работници од трети земји
Предлогот има за цел да го олесни поврзувањето на европските работодавачи со работниците надвор од ЕУ, како и признавањето на нивните квалификации стекнати надвор од ЕУ, пишува Еурактив
Европската комисија во средата предложи серија доброволни мерки за да се олесни вработувањето на државјани од трети земји во ЕУ, да се поттикне легалната миграција и да им се помогне на членките да се справат со хроничниот недостиг на работна сила, информира Еурактив. Предлогот, има за цел да го олесни поврзувањето на европските работодавачи со работниците надвор од ЕУ, како и признавањето на нивните квалификации стекнати надвор од ЕУ.
Препорачано
– Не смееме да заборавиме дека имаме неискористен потенцијал за домашната работна сила, но тоа не е доволно, изјави за новинарите потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.
„Ние сме во глобална трка за таленти против многу моќни конкуренти кои им даваат јасни можности на граѓаните од трети земји“, додаде тој и ги истакна САД, Канада, Нов Зеланд и Австралија. Комисијата смета дека предлогот е во согласност со напорите на ЕУ да ги поттикне опциите за легална имиграција утврдени во Пактот за миграција и азил, бидејќи тие можат „силно да ја одвратат“ илегалната миграција.
– Не се работи за „Тврдина Европа“, туку за Европа отворена за бизнис, на начин кој е организиран и регулиран, рече Схинас.
Неколку земји-членки веќе работат на такви мерки, како што е поедноставување на визниот режим со цел да привлечат повеќе работници од трети земји на нивниот пазар на труд. Институциите на ЕУ во моментов преговараат за ревизија на европската регулатива за единствена работна дозвола за државјани на трети земји. Пакетот претставен во средата треба да послужи како дополнителна алатка за справување со недостигот и вклучува формирање на базен на таленти на ЕУ, што ќе им овозможи на барателите на работа од надвор од ЕУ да се регистрираат и да се усогласат преку онлајн платформа со слободните работни места објавени од европските работодавачи. Процедурите за издавање визи ќе продолжат да ги регулираат поединечни земји-членки, кои ќе можат доброволно да учествуваат во програмата.
Според податоците на Евростат, невработеноста во ЕУ е сè уште ниска, околу шест проценти, додека стапката на слободни работни места е речиси три проценти, што значи дека Европа се бори да ги пополни работните места само со домашна работна сила. Дополнително, се очекува стареењето на населението да ја влоши состојбата, бидејќи во наредните години ќе има сè помалку работоспособно население. Носењето работници од трети земји е сè уште слабо, главно поради јазичните и административните бариери. За работниците кои се донесени од една земја членка на ЕУ во друга, стапката е исто така многу ниска. Само 14 отсто од малите и средни компании вработуваат работници од други земји-членки на ЕУ. Комисијата смета дека онлајн базата на податоци за таленти би помогнала во вработувањето на луѓе во областите каде што тие најмногу недостасуваат, како што се градежништвото, здравството, грижата за стари лица или транспортот. Со цел да се намалат бирократските пречки, Комисијата предлага и полесно признавање на квалификациите.
– Имаме многу бирократија, поради што работниците од трети земји неволно минуваат низ системот на признавање на нивните професионални квалификации. Тоа го нарекуваме „трошење на мозокот“, рече Схинас.
„Базенот“ на таленти нема да важи за државјани на трети земји или баратели на азил кои веќе легално престојуваат во ЕУ. Според предлогот на Комисијата, лицата кои бараат азил во ЕУ и престојуваат надвор од Унијата може да аплицираат за работа преку таа платформа, но понудата за работа нема автоматски да им даде право на азил.
Деловните асоцијации го поздравија предлогот на Комисијата како добар начин за пополнување на празнините на европскиот пазар на труд.
– Помагањето да се поврзат квалификувани државјани од трети земји со слободни работни места во професии за кои има дефицит што треба итно да се пополнат е важен пристап кон овој проблем, коментира директорот на Бизнис Јуроп, Маркус Ј. Бејрер.
Пакетот беше поздравен и од некои европратеници.