Илустративна фотографија, не станува збор за истото писмо / Фото: EPA

Се проценува на 114.000 долари: Писмото на Франц Кафка во кое вели дека повеќе не може да пишува се продава на аукција

Писмо од Франц Кафка, во кое тој му кажува на пријател дека повеќе не може да пишува, се нуди на аукција 100 години по смртта на писателот, со проценка до 114.000 долари, пишува „Ројтерс“.

Кафка, еден од најголемите писатели на 20 век, познат по своите дела „Процес“ и „Метаморфоза“, напиша писмо до австрискиот поет и издавач Алберт Еренштајн, како одговор на барањето за придонес за литературното списание „Die Gefährten“.

Во писмото на една страница, напишано на германски јазик и потпишано со Кафка, прашкиот писател пишува дека не напишал ништо веќе три години. Се верува дека писмото било напишано помеѓу април и јуни 1920 година во санаториум во Мерано во северна Италија, според аукциската куќа „Сотби“.

Во 1917 година, на Кафка му била дијагностицирана туберкулоза, што тој не го спомнал во писмото.

„Кога грижите ќе навлезат во одредени слоеви на внатрешното постоење, пишувањето и жалењето очигледно престануваат, навистина мојот отпор не беше премногу силен“, пишува Кафка.

„Сотби“ го нуди писмото како дел од циклусот на продажба на книги, ракописи и музика од средновековна до модерна, од 26 до 11 јули, со проценка од 70.000 до 90.000 фунти.

„Тоа е многу трогателно писмо напишано при крајот на неговиот живот, изразувајќи го неговиот очај да продолжи да пишува и чувствата на … писателската блокада“, изјави Габриел Хитон, експерт за книги и ракописи во Сотби.

„Физички бил многу, многу слаб и ја започнувал оваа многу интензивна преписка со Милена (Пољакова – Јасенска), големата љубов од неговите последни години, која ја поттикнуваше креативноста кај него. Иако овде очајува, тој е на работ на последен излив на прекрасно, прекрасно пишување“.

После тоа, Кафка ги напиша „Замокот“ и „Гладниот уметник“. Писателот починал на 3 јуни 1924 година, на 40-годишна возраст.

Еренштајн на крајот го испратил писмото до уметницата Доли Перуц.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот