Инфокрафик/ Фото: Елисавета Бејкова

Се остава ли канцелариска работа за да возиш виљушкар или да виткаш кабли?

Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), вели дека Синдикатот е против укинување работни места, но потсетува дека веќе постојат искуства во земјава кога вработени од државна администрација биле префрлени во приватни компании. Според него, тоа е прифатливо само доколку вработените, кои ќе бидат опфатени во трансферот, нема да добијат полоши услови за работа и промена на дејноста

Мисија осудена на пропаст ќе биде идејата да се врши трансфер на вработените од државниот во приватниот сектор, ако тоа не се одвива на доброволна база и без соодветна обука. Секој правник не знае да вози виљушкар, како што некој економист не се разбира од месење леб, пластично објаснува Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ за „Слободен печат“, коментирајќи ги надежите на дел од бизнисмените дека работната сила што недостасува во државава, делумно ќе се обезбеди од јавната администрација, која би преминала во приватниот сектор. Деаноски вели дека Синдикатот е против укинување работни места, но потсетува дека веќе постојат искуства во земјава кога вработени од државна администрација биле префрлени во приватни компании. Според него, тоа е прифатливо само доколку вработените, кои ќе бидат опфатени во трансферот, нема да добијат полоши услови за работа и промена на дејноста.

– Ние ќе се заложиме за сигурност на работниците, ако некој сака да оди зошто да не, но нема да дозволиме вработени во јавната администрација да си одат под притисок и без обука – дециден е Деаноски.

Горан Ѓоргиевски, новиот претседател на Сојузот на стопански комори (ССК), предупреди дека и покрај растот на вработеноста, има непродуктивна вработеност. Тој истакна дека ако Владата не најде начин на пренасочување на вишокот од јавната администрација во компаниите, ќе мора да се увезуваат работници од странство, што би донело други реперкусии за целото општество. Сепак, според Ѓорѓиевски, досега нема информации дали ова е остварливо, во вакви политички околности.

– Јас сум оптимист по природа и би сакал да биде така или да се оди во таа насока за во даден момент тие вработени да дојдат на пазарот на труд – изјави Ѓорѓиевски.

За сличната ваква идеја, која беше промовирана во 2019 година, од Сојузот на стопански комори изразија сомнеж дури и дали моделот може да биде успешен. Тогашната претседателка Данела Арсовска му порача на Дамјан Манчевски, кој тогаш беше министер за информатичко општество и администрација, дека „на бизнисот му недостасува квалификуван кадар, а не административците што МИОА планира да ги испразни од јавниот сектор“. Арсовска, од името на ССК, го постави прашањето како ќе се прецизираат критериумите за овие лица, дали анализите што се прават, прецизно ќе утврдат какво образование и вештини поседуваат, како би биле атрактивни за премин во приватниот сектор?

– Приватниот сектор со оглед на континуираниот одлив на квалификувана работна сила со кој се соочува, активно бара на пазарот на труд лица со дефицитарни и специфични занимања, пред сè од техничките и строго специјализирани струки – рече тогаш Арсовска.

Од Синдикатот на УПОЗ се согласуваат дека платите во приватниот сектор сега се повисоки од поголемиот дел на платите во јавната администрација, но нивниот претседател не се согласува ваквиот трансфер да оди според некаков декрет, односно со присила. Деаноски вели дека од медиумите слушнал дека државата ќе ја намалува администрацијата за 40 отсто, со новиот пакет закони меѓу кои и законот за организација и работа на органите на државната управа, кој предвидува и рационализација на бројот на државни службеници.

– Идејата за трансфер од државниот во приватниот сектор не е нова, но без обезбедување соодветна преквалификација и обука, таа не е остварлива. И во 2019 година имаше ваква идеја, со обезбедување европски средства за преквалификација, но работите се заташкаа и не бидна ништо. Тогаш се отворија важни прашања за самиот процес во моделот на премин од јавен сектор во приватен, дали тоа ќе подразбираше извесна доквалификација или преквалификација и кој ќе ја врши, како тоа колку време би траел тој процес на адаптација за ново работно место и кој би бил очекуваниот степен на продуктивност по преквалификација за оние работни места за кои приватниот сектор има потреба – објаснува Деаноски.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата, пред некое време порача дека луѓето што ќе направат договор да излезат од јавната администрација и да преминат во приватниот сектор, треба да добијат помош од оперативниот план за вработување или пари преку фондот за иновациски и технолошки развој.

– Тоа значи дека тие ќе треба да учат претприемништво, како и маркетинг за тоа како да ги продадат своите услуги и на крајот треба да бидат усогласени според законската регулатива, бидејќи тие луѓе поради долгогодишната работа во јавениот сектор, не знаат што значи данок на добивка, профит, одржливост, што значат обврските од Законот за работни односи или трудовата легислатива – објасни Бошков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот