
Се нудат ориз, мед, грозје, малини и јаболка- расте интересот за кампањата „Македонско најдобро“
Дел од земјоделците се скептични за успехот на оваа кампања, бидејќи има сè помало домашно производство, а нивите се празнат бидејќи никој не е заинтересиран за да работи на нива
Четириесетина домашни преработувачи и дваесетина индивидуални земјоделци се веќе регистрирани на веб-страницата на Министерството за земјоделство за учество во кампањата „Македонско најдобро“. Нашата цел е јасна – наместо увоз, да се одлучиме за домашните земјоделски производи и нивната преработка, истакна во неколку наврати министерот Цветан Трипуновски.
Препорачано
На веб-страницата, категориите се поделени на земјоделски производи, преработени производи и органски производи. Доволно е да се кликне и ќе се појават фармери и земјоделски здруженија, преработувачи и мали локални производители, малопродажни објекти, маркети, трговци со овошје и зеленчук, како и сите што нудат домашни производи. Регистрацијата и профилот се бесплатни за секој учесник во синџирот на производство и продажба.
На страницата има и мапа, која му овозможува на секој граѓанин, без разлика каде се наоѓа, да ја најде најблиската локација каде што може да купи производ со македонско потекло. Што се однесува до производите, во моментот на веб-страницата се нудат само ориз, мед, грозје, малини и јаболка, додека другите категории се празни.
– Ајварот е совршен пример за она што претставува „Македонско најдобро“ – традиција, квалитет и автентичност што се пренесува од генерација на генерација – истакна министерот Трипуновски на манифестацијата „Ајверијада“ во општината Босилово. Според него, целта на „Македонско најдобро“ е подигање на националната свест за квалитетот на македонските земјоделски производи и обезбедување полесен пристап на граѓаните до домашните земјоделски производи и преработки. Преку платформата makedonskonajdobro.mk, домашните производители може да станат прв избор – меѓу институциите, трговците и секој граѓанин, оцени тој.
Дел од земјоделците се скептични за успехот на оваа кампања, бидејќи има сè помало домашно производство, а нивите се празнат, бидејќи никој не е заинтересиран за да работи на нива.
– Сепак, сметаме дека е малку доцна, затоа што гледаме дека има сè помал интерес и сè помалку производители на земјоделски производи. Ако ова продолжи, очекуваме да се соочиме со драстичен недостиг на македонски производи, што веќе го чувствуваме. Затоа, државата мора сериозно да пристапи кон овој дел, што значи да започне што е можно повеќе производство и да обезбеди максимална поддршка за примарните производители – фармерите изјави неодамна Ѓорѓи Каракашев од „Националната земјоделска мрежа“.