Азир Алиу, министер за здравство / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Се истражуваат осум случаи на сомнителни операции на срце

Стручната комисија од Министерството за здравство веќе разгледала осум предмети поврзани со кардиолошки и кардиохируршки интервенции во јавни и приватни здравствени установи, за кои има сомнежи дека се изведени и покрај тоа што биле непотребни.

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека следната недела ќе бидат разгледани уште пет нови пријави.

Комисијата е формирана на крајот на август, по јавните обвинувања на кардиохирургот Сашко Кедев дека во приватното здравство се вршат непотребни операции заради профит.

„Во вторник продолжуваме со работа по новите пет пријави. За вклучување на странски експерти постојат правни пречки, а договорот ќе се потпише по изборите,“ изјави Алиу за време на посетата на Клиниката за кардиохирургија, каде што беше промовирана ново надградена хибридна сала.

Директорот на Клиниката, д-р Дејан Димитровски, посочи дека не учествувал во селекцијата на случаите, но потврди дека кај дел од пациентите по изведени коронарографии се констатирани неправилности.

Во комисијата се вклучени експерти од кардиохирургија, кардиологија, васкуларна хирургија, претставници на Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство, како и правници и економисти.

Обвинувањата на д-р Кедев отворија широка јавна дебата, со тврдења дека дел од здравствените центри треба да бидат затворени. На ова реагираше болницата „Аџибадем Систина“, заканувајќи се со тужби доколку Кедев не ги наведе конкретните приватни болници во кои се изведувале непотребни операции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот