
Се чека одлука дали Ратко Младиќ ќе може да се лекува во Србија
Меѓународниот механизам за кривични судови во Хаг во наредните денови ќе одлучи дали Ратко Младиќ, воен злосторник осуден на доживотен затвор, ќе биде пуштен на лекување во Србија.
Препорачано
Медицинските извештаи за здравствената состојба на поранешниот командант на Главниот штаб на поранешната Војска Република Српска се собрани и се чека одлука дали ќе му биде дозволено да биде пуштен на лекување во Србија, изјави неговиот син Дарко Младиќ, пренесува „Ал Џезира“.
Младиќ има невролошки, кардиоваскуларни и уролошки проблеми кои прогресивно се влошуваат и комплицираат, се наведува во барањето.
На почетокот на јуни, неговата одбрана побара од Меѓународниот кривичен суд во Хаг да „одобри негово забрзано условно ослободување поради неговата тешка здравствена состојба“.
Во барањето на Драган Иветиќ, главен правен советник на Ратко Младиќ, кој беше испратен во судот во Хаг, меѓу другото се наведува дека тој „за жал се приближува кон крајот на својот живот“. Младиќ минатата година беше во една од холандските болници каде што беше поставен пејсмејкер, но неговата здравствена состојба сепак се влоши и му беа отстранети бубрезите.
„Со оглед на неизлечивата природа на болеста на Младиќ и неговата кратка прогноза за живот, продолжениот притвор не служи за никаква легитимна цел и претставува нехуман третман и казнување“, се наведува во барањето за предвремено ослободување.
Адвокатите на Младиќ инсистираа дека притворниот центар на ОН ќе биде поштеден од трошоците за палијативна нега доколку Младиќ, кој доживеа два мозочни удари и срцев удар за време на престојот во затвор, биде ослободен предвреме.