
Се бараат возачи „под дрво и под камен“, не се ангажираат странци за да не им избегаат
Сопствениците на камиони се плашат да ги остават во рацете на странски работници, кои како што се покажа низ многуте примери ја користат земјава како порта за во ЕУ – посочуваат од „Макам транс“. Само за задоволувањето на правилото за ограничен престој од 90 дена на секои 6 месеци, во ЕУ ќе им бидат потребни околу 12.000 возачи
Домашните транспортни компании не се заинтересирани да ангажираат возачи меѓу лицата со важечки азил во земјава, покажале резултатите на Анкетата, која ја реализираше асоцијацијата „Макам транс“. Целта на оваа анкета беше да се утврди дали, и под кои услови, превозниците би биле заинтересирани за вклучување лица со признаен азил во нивните трговски друштва за вршење внатрешен превоз (со товарни моторни возила до и над 7,5 тони, како и работници во складишта и слично), објаснува за „Слободен печат“, Билјана Муратовска, генерална секретарка „Макам транс“.
Препорачано
– Истражувањето покажа дека нема таква заинтересираност меѓу нашите членки, ни за домашните, а уште помалку за меѓународните превози, кои се 90 отсто од нашата работа. Минималниот интерес е најверојатно резултат од стравот кај сопствениците на камионите да им ги остават во рацете на странски работници, кои како што се покажа низ многуте примери ја користат земјава како порта за во ЕУ. Нашите возачи возат скапи камиони, понекогаш и со приколки во кои има товар што може да чини стотици илјади евра и тој да биде оставен напуштен на некоја европски автопат – посочува Муратовска.
Штом не можат и не сакаат да ангажираат странци, на домашните транспортери им останува да се снаоѓаат и да бараат начини да го пополнат сериозниот недостиг од возачи на камиони и на автобуси. Според нивните пресметки, само за задоволувањето на правилото за ограничен престој од 90 дена на секои 6 месеци, во ЕУ ќе им бидат потребни околу 12.000 возачи што нема каде да ги најдат. Затоа, државите се снаоѓаат преку разни субвенции и стимулации да привлечат возачи од Западниот Балкан, вклучително и од земјава, додава Муратовска.
– Подолг период заговараме да се намали старосната граница за полагање возачки испит за Ц, Д, и Е категорија во земјава за да се создаде нов професионален кадар, бидејќи постарите се веќе на печалба или пред пензија. Во земјите од ЕУ, па и во нашето опкружување, камион може да се вози на 18 години, а автобус на 21 година, со дополнителна обука кај нас периодот е подолг, па камион може да се вози дури на 23 години, а автобус на 24 години. Од 2015 година земјите од ЕУ постојано ги олабавуваат условите за станување професионален возач и условите за вработување странски работници. Таму веќе на 17 години се вршат подготовките за возачи на камион, а со 18 години може да се управува камион. Затоа се потребни стимулации од државата и воведување посебни паралелки во средните стручни училишта за професијата возач – додава генералната секретарка на „Макам транс“.
Потребата од возачи ја покажуваат и огласите за вработување во кои доминираат оние со Ц и со Е категорија, за управување камион со приколка. Голем број од огласите се од странски транспортни компании, кои со понуда на повисоки плати и со подобри услови за работа се обидуваат да преземат дел од возачите на домашните превозници.