СДСМ партиска зграда / фото: Слободен печат/ Драган Митрески

СДСМ: Зошто актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат не е опфатен во истрагата за пожарот во Кочани?

СДСМ реагираше дека во истрагата за трагедијата во Кочани се игнорираат тие кои биле на функции токму во времето кога се случи пожарот. Тие бараат целосна, независна и неселективна истрага.

На прес-конференција, Јон Фрчкоски директор на Центарот за истражување и анализа во партијата, рече дека истрагата се води селективно и оти е насочена само кон поранешни функционери и службеници, како и дека целосно се игнорираат тие кои биле на функции токму во времето кога се случила трагедијата во Кочани.

Повикувајќи се на јавно достапни информации, тој рече дека двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се опфатени со истрагата поради наводно непостапување и праша зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата.

– Иако носи дури и поголема одговорност за надзорот врз објектот „Пулс“ во период пред и за време на кривично-правниот настан. ДПИ има надлежност да врши надзор над примената на законите, а има и законска обврска да одреди и забрана за работа од 30 дена доколку не се исполнети законските услови. Дали сето ова било спроведено во мандатот на актуелниот директор на ДПИ? Дали постоеле сознанија за прекршувања на законите? Или некој свесно не постапил, праша Фрчкоски.

Според него, ова се легитимни прашања на кои истрагата треба да даде одговор.

-Јавноста има право да знае зошто, ако се гонат поранешни директори на ДПИ, актуелниот директор е се уште амнестиран, иако ја носи директната надлежност во критичниот период, рече тој.

Доколку се штитат поединци блиски до власта, според Фрчкоски, довербата на граѓаните во правосудниот систем ќе биде целосно урната, а чувството на неправда – уште подлабоко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот