
СДСМ за Ќосето: На Скопје не му требаат рециклираните споменици од времето на режимот
„Скопје четири години тоне на секое поле, скопјани се соочуваат со нехигиена, хаос во јавниот превоз, урбанистичко дивеење, а ВМРО- ДПМНЕ и Арсовска се фатија за рециклирање на споменици од режимот и криминалниот Скопје 2014“, реагира СДСМ откако градските власти во Скопје ноќеска повторно го подигнаа споменикот на револуционерниот атентатор на историското ВМРО, Андон Јанев-Ќосето.
Препорачано
Споменикот сега е поставен во зеленилото на крстосницата помеѓу булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“, во близина на „Ист гејт мол“.
„Андон Јанев-Ќосето е историски маргинална, но длабоко контраверзна личност. Ваков споменик не треба да биде поставен каде било, а најмалку во Скопје. Неговото место, може да е само во соодветно поглавје од македонската историја, поткрепено со историски извори. На Скопје не му треба ново споменично лудило туку реализација на проекти и подобрување на животот на скопјани. На скопјани им треба чисто Скопје со функционални претпријатија, обнова на јавниот превоз, да живеат во метропола во која може да стигнат навреме и без нервози. На Скопје му треба запирање на урбанистичкиот хаос, целосна обнова на постојната инфраструктура на градот и враќање на културата, животот и урбаниот дух на Скопје, кој толку многу недостига“, се вели во соопштението на опозициската партија.