
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ги излажа земјоделците, за првпат ги намали субвенциите
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го понижи трудот и достоинството на македонскиот земјоделец. Со кратењето на парите за земјоделство во ребалансот, власта удри по грбот на земјоделците и покажа дека и овој сектор не ѝ е важен. Земјоделството, кое е еден од двигателите на економијата, а истовремено и извор на егзистенција на многу семејства – денес е жртва на незаинтересираноста и неодговорноста на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече денеска на прес-конференција Александар Димитриевски од Комисијата за земјоделство на СДСМ.
Препорачано
„За првпат од воведувањето на субвенциите во 2005 година, се кратат средства – финансиска поддршка за развој на земјоделството и за земјоделците. Пред избори ветуваа историски највисока поддршка, денес испорачуваат историски најниска поддршка – тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатите седум години, во периодот на владата на СДСМ, не се има случено намалување на поддршката за земјоделците. Во 2023 година, финансиската поддршка изнесуваше 8,3 милијарди денари, а со ВМРО-ДПМНЕ е намалена на 6,7 милијарди денари. Тоа значи над 30 милиони евра помалку за земјоделството – сектор од клучно значење за економијата и за обезбедување храна. Наместо со финансиска поддршка да го зголеми домашното производство на земјоделски производи – кое е најсигурно, најквалитетно и најисплатливо – владата свесно го турка во колапс, отворајќи простор за увоз на скапи производи“, рече Димитриевски.
„Дополнително, по две години предвремена, авансна исплата од 30%, оваа година ВМРО-ДПМНЕ го укинува и тоа – нема да има. ВМРО-ДПМНЕ го намали и буџетот за програмата за рурален развој. Нема повеќе програми за мали семејни бизниси. Токму тие програми беа надеж за младите да се занимаваат со агробизнис, но и можност за развој на руралните средини. Од ветените 180 милиони евра субвенции што ВМРО-ДПМНЕ ги најавуваше, во буџетот остануваат едвај 110 милиони. А со укинување на лимитот за директни плаќања од 18 милиони денари, повторно се фаворизираат големите компании на штета на малите производители“, додаде тој.