Фото: МИА

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во „војна“ за договорот со „Бехтел и Енка“, опозицијата инсистира да се објави

Продолжуваат и денеска силните препукувања и обвинувања меѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за договорот со изведувачот на патиштата од коридорите 8 и 10д, „Бехтел и Енка“ – пратеници од опозицијата инсистираат власта да го објави документот и изнесуваат детаљи, а СДСМ обвинува дека шират лажни вести.

СДСМ реагираше на изјавите на пратеникот Александар Николовски дека при изградбата на патиштата мнозинството работници ќе бидат од странство.

– ВМРО-ДПМНЕ и познатиот извор на лажни вести Александар Николовски се фокусирани на интензивно пласирање невистини и спинови околу стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д . Не навлегуваме за скриените мотиви на Николовски и ВМРО-ДПМНЕ да пласираат невистини за стратешки проект и за реномирана американска компанија. Но, Законот е јасен и  ги демантира лагите на Николовски. Законот за утврдување на јавен интерес за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 е донесен во 2021 година, а објавен во Службен весник на 16 јули истата година (број 163). Во член 11, став (3), односно во делот каде се регулира ангажманот за работници од дома и од странство јасно стои обврската стратешкиот партнер да користи најмалку 51 отсто од локални ресурси – соопшти СДСМ.

 

Проекциите со кои се обидува да спинува Николоски, додаваат оттаму, секогаш зависат од расположливите ресурси, но Законот е јасен, односно ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51 отсто, велат од СДСМ.

– Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот.

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски вчера објави дека од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 проценти ќе бидат работници од странство и дека ќе се обезбедува работа на странци без работни дозволи и дозволи за престој. Утринава тој на својот профил на Фејсбук објави, како што рече, нови докази за бројот на работници и планот за работа.

– Два дена Владата молчи на новите сознанија поврзани со спорниот договор за автопатите кои ги изнесов во јавност и затоа денес објавувам два документа кои, според свиркачите кои ни ги доставија, се дел од спорниот договор за изградба на автопатите. Се работи за план 11 од договорот што се однесува за бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни. Како што можете да видите на првиот документ/графикон со црвена боја се странските работници! Огромна бројка, огромни средства ќе се одлеат надвор во услови на немаштија. Од вкупниот број работници само 30 отсто ќе бидат домашни, а дури 70 отсто странци, што значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓани ќе ги дадат за изградбата на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци! – пишува Николовски.

 

Во вториот документ, додава тој, има два сегменти – точна бројка на странски и домашни работници кои ќе бидат ангажирани по години, како и уривањето на правната држава преку одобрението странци да работат без регулиран престој и почитување на законите.

– За странец да работи потребно е дозвола за престој и работна виза, а само за работниците на автопатиштата на „ Бехтел и Енка“ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој да има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви безбедносни проблеми тоа лице ќе направи. Ова е уште едно кршење на законите. Да цитирам дел од договорот: Согласно на Посебниот закон член 13 (1), на странските работници вработени во Проектот ќе им биде дозволено да започнат со работа на Проектот по аплицирање за потребните дозволи за престој и работа пред и додека се чека постапката за издавање на дозволи за престој и работни дозволи да биде одобрена или одбиена. Појасно кршење на закони од ова нема! Повелете докази – објави Николовски на Фејсбук.

Премиерот Димитар Ковачевски завчера рече дека 51 отсто од работите, според договорот со „Бехтел и Енка“ треба да се изведат од страна на македонски изведувачи. Тој додаде и дека се надева дека ќе имаме толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот.

– Меѓутоа голем дел ќе биде и од странство, а тоа е на компанијата изведувач и проектант, кои веќе имаат искуство во изградба на вакви големи проекти и имаат искуство од каде и каков профил на работници ќе донесат за да се направи. Бидејќи 51 отсто треба да е од Северна Македонија се надевам дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот – рече премиерот Ковачевски.

Од Владата, пак, најавија дека нивни претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори во соодветна собраниска процедура. Увид во договорот ќе имаат пратениците со безбедносен сертификат. Овој потег на Владата следува откако деветмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат и писмено побараа премиерот да им го достави договорот, а врз основа на членот 68 од Уставот според кој Собранието врши контрола над Владата и Законот за класифицирани информации. Претходно Владата соопшто дека документот е класифициран.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побараа СДСМ и Владата да го покажат договорот.

– Има закон и за 40 часови работна недела па СДС турка процедура за 60 часовна работна недела, затоа што потпишале договор со пенали за државата од 53 милиони евра, ако не донесат законски измени. Според материјалите кои ги добивме од свиркачи, договорот содржи дел од кој се гледа дека 70% од работниците ќе бидат странци, дополнително се регулира дека истите ќе можат да работат и без работни дозволи. Гледаме дека СДС потпишале работи кои сега брзаат со законски измени да ги легализираат, како што е со 60 часовната работна недела. Истото е и со сите други законски измени кои ги предлагаат. Необјавувањето на договорот пред јавноста говори дека СДС и ДУИ нешто кријат. Јавноста мора да знае како ќе се трошат 1.3 милијарда евра народни пари. Парите се на македонските граѓани, а не на Груби и Ковачевски, и граѓаните се тие кои мора да знаат што плаќаат. Наместо лаги, најмалку што треба владата да направи е да го објави договорот. Зошто не постои деловна тајна во законот за класифицирани информации. Не може да биде тајна како ќе се трошат парите на граѓаните – соопшти денеска опозициската партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот