
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат за инцидентот во Општина Кочани
По инцидентот на денешната седница на Советот на општина Кочани, во кој една вработена во општината беше повредена со фрлено шише, а за малку беше избегната тепачка меѓу дел од советниците, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ попладнево разменија барања за одговорност и обвинувања за манипулации.
Препорачано
Социјалдемократскиот сојуз најостро го осуди инцидентот, опишувајќи го како резултат на „провидно сценарио“ од ВМРО-ДПМНЕ насочено кон дестабилизација на општината.
„Советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од ромска партија беа директно инволвирани, а повредена е вработена од администрацијата. СДСМ не стои зад инцидентот – тоа не е наш член, туку коалициски партнер“, наведуваат од СДСМ, потенцирајќи дека токму советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ бил најгласен со навреди на етничка и лична основа во изминатите седници.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека токму СДСМ и в.д. градоначалникот Венко Крстевски го поттикнувале насилството.
„СДСМ го користи насилството за да ја води општината. Советникот кој предизвика физички напад е нивен сојузник и поддржан од нив“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи на итна оставка на Крстевски и јавно извинување од СДСМ.
Во меѓувреме, полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветна пријава.
Инцидентот го отвори прашањето за влошениот политички амбиент во Советот на Кочани, каде седниците сѐ почесто се одвиваат во атмосфера на тензии, обвинувања и – очигледно – насилство.