
ВИДЕО | СДСМ: Дали парите за рекет од „Пулс“ завршувале кај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски?
Дали парите за рекет од „Пулс“ завршувале кај ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски праша денеска на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на извршниот одбор на партијата.
Препорачано
СДСМ вчера обвини дека фирмата „Салтировски Консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип е долгогодишен донатор на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај компанијата донирала и самата сопруга на Салтировски сериозни суми во 2020, 2021 и 2024 година. СДСМ обвинува дека токму поради оваа причина началникот бил 4 месеци „штитен“ да не влезе во истрагата за пожарот во „Пулс“ каде живи изгореа 62 претежно млади, а околу 200 беа повредени.
Поминаа 24 часа од објавата на скандалот кој ја тресе јавноста, а од ВМРО-ДПМНЕ – молк. Ниту збор, ниту објаснување, ниту демант. Зошто молчите, господине Мицкоски? Македонија заслужува одговори. СДСМ вчера објави документирани информации дека фирмата „Салтировски Консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип кој Мицкоски четри месеци го штитеше, е долгогодишен донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај компанијата донирала и самата сопруга на Салтировски сериозни суми во 2020, 2021 и 2024 година. Истата таа фирма, според нашите сознанија, можеби водела фиктивно сметководство за фирмите поврзани со дискотеката „Пулс“. Постои сериозен сомнеж дека преку неа биле исплаќани паушали за полициска заштита на локалите кои биле оставени без контрола, меѓу кои и „Пулс“ – каде животот го загубија 62 деца, рече Цветаноски.
Таа искажа сомнеж дека тие пари како што рече „од подземјето“ завршувале во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ
Прашуваме јавно уште еднаш: Дали „Салтировски Консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип служела како фирма параван за прибирање на рекет од локалите кои биле изоставени од контрола на полицијата – како што бил примерот со дискотеката „Пулс“? Дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за компаниите „Класик“ ДООЕЛ и „ММММ“ Дооел кои управувале со дискотеката „Пулс“ на газда Деко? Дали со транши од Деко на „Салтировски консалтинг“ ДООЕЛ од Делчево се исплаќал договорениот паушал за полициска заштита на „Пулс“? Дали „Салтировски Консалтинг“ ДООЕЛ била вмешана и во скандалот „Делчевски Ниви“ кој магично исчезна од судските процеси? Конечно, дали овие пари од Деко завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ? Дали Мицкоски ќе излезе да го признае она што всушност е јавна тајна? И за крај уште еднаш го предупредуваме Мицкоски, да тргне партиските канџи од Обвинителството и судството. Нема да ги заштитиш своите и да ја скриеш вистината, затоа што ја знаеме целата. Истрагата покажува директна врска меѓу трагедијата во „Пулс“ и највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги објавиме сите податоци од прв до последен, рече таа.
Анита Салтировска на порталот „Курир“ објави демант на наводите од СДСМ. Обраќајќи ѝ се на партијата таа истакна дека е член и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, но за фирмата „Салтировски консалтинг“, за неа и за целото семејство, негираше поврзаност со фирмите што управувале со „Пулс“. Таа не негира дека е донаторка на ВМРО-ДПМНЕ ама заработените пари вели дека се заработени чесно, а донациите транспарентни. Таа најави тужба за клевета против СДСМ а парите рече дека ќе ги донира за повредените во Кочани.
Ниту со транши од Деко ниту пак со транши од други правни и физички лица на мене и на САЛТИРОВСКИ КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ не се исплаќани никакви паушали од наведените компании ниту пак од било кои други компании што се потврдува со сметководсвената евиденција и банкарските трансакции извршени кон и од мојата фирма и мене лично во кој и да било период . Најостро демантирам дека јас или САЛТИРОВСКИ КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ има било каква поврзаност со скандалот „Делчевски ниви“ и истиот случај „ магично исчезна“ од судските процеси бидејки според надлежните органи постапката е прекината и истрагата затворена, пишува во демантот.