Фото: Креирана илустрација

Сателитска ТВ ќе дели бесплатни приемници за Македонци во Бугарија како одговор на бугарска кампања во земјава

По информациите дека повторно ќе се доделуваат бесплатни ресивери во Македонија за гледање бугарски телевизиски канали, македонската сателитска телевизија ИНТВ објави дека ќе направи контраакција и дека ќе доделува бесплатни ресивери за сите Македонци во Бугарија, објави Фокус.

„Деновиве на социјалните мрежи кружат соопштенија од страници на Фејсбук зад кои стојат организации од Бугарија, со цел заведување на Македонците. Во нив се тврди дека се доделуваат бесплатни ресивери во Македонија за гледање бугарски телевизиски програми. Контра на оваа кампања, Македонската сателитска телевизија ИНТВ објави сопствена акција – бесплатни ресивери за сите Македонци во Бугарија кои се чувствуваат Македонци! Секој заинтересиран може да се обрати директно до ИНТВ, а ресиверите ќе им бидат доставени. Македонската песна, култура и традиција – секогаш со вас!“ – порачаа од телевизијата.

Поради големиот интерес, ресиверите ќе се доделуваат преку македонски здруженија во Бугарија.

Ова доаѓа откако бугарските организации како „Фондација Македонија“ ја засилија својата активност во Македонија и покрај тоа што тензиите помеѓу двете земји почнаа да се смируваат.

Организацијата покрај субвенциите за учење на бугарскиот јазик нуди и бесплатно инсталирање на бугарска сателитска телевизија и бесплатни постери на кои пишува „Ние сме еден народ“.

Тие очекуваат да инсталираат бугарска телевизија во 10% од домовите во Македонија во кои живеат Бугари по потекло, а според нивните проценки се работи за 35.000 Македонци кои имаат бугарски пасош и се изјасниле на писмено дека имаат бугарски корени, се вели во објавата на Фокус.

Во последните неколку години во Македонија функционира бугарското неделно училиште „Здравеи“, каде што деца изучуваат бугарски јазик, литература и историја, а за нивното учество добиваат месечен надомест од 30 евра.

Фондацијата отвори и училиште на бугарски литературен јазик „Св. Наум Преславски“, во кое 95 ученици од Македонија следат онлајн настава по три часа неделно.

Активностите на Бугарите се прошируваат и во регионите Голо Брдо во Албанија и Гора на Косово, каде живеат Македонци. Таму функционира иницијативата „Знај ја Бугарија“, преку која се делат бугарска сателитска телевизија и книги.

Досега, Фондацијата има донирано над 40.000 книги на повеќе од 11.000 луѓе во над 10 градови и 20 села низ Македонија, а планот е во иднина да се распределат 350.000 книги во исто толку македонски домаќинства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот