
Самсунг е повторно прв во светот во продажбата на мобилни телефони
Јужнокорејскиот технолошки гигант Самсунг повторно го зазеде првото место на светската ранг листа за продажба на мобилни телефони во првиот квартал, надминувајќи го Епл, открија прелиминарните податоци на истражувачката компанија ИДЦ.
Препорачано
Продажбата на мобилни телефони е зголемена во периодот од јануари до март за 8,7 отсто во однос на истиот период лани, со испорачани 289,4 милиони уреди, објави ИДЦ.
Самсунг продал 60,1 милиони, а Епл 50,1 милиони мобилни телефони, проценуваат тие, што одговара на пазарните удели од 20,8 и 17,3 отсто, соодветно.
„Како што се очекуваше, закрепнувањето продолжи, а оптимизмот полека се шири меѓу водечките брендови. На крајот на 2023 година, Епл се проби на првото место, но во првиот квартал Самсунг се врати на позицијата водечки продавач на паметни телефони“, рече потпретседателот на групата ИДЦ за светска мобилност и следење на уреди за потрошувачи, Рајан Рит.
Кинескиот Шаоми е на третото место, а неговите домашни конкуренти Транзишион и ОППО се на четврто и петто место. Транзишион работи првенствено во Африка, а во првиот квартал речиси ја удвои продажбата, според пресметките на ИДЦ.
„Пазарот на паметни телефони излегува посилно од периодот на турбуленции во последните две години, по значителни промени. Шаоми силно закрепна од големите падови во изминатите две години, а Транзишион ја зацврсти својата позиција меѓу првите пет компании со агресивен раст на меѓународните пазари“, заклучи Набила Попал од ИДЦ, директорка на истражувачкиот тим што ја следи состојбата на светскиот пазар.
Самсунг и Епл продадоа помалку телефони во првиот квартал, но Самсунг се чини дека е во посилна позиција отколку што беше во изминатите квартали, истакна таа.