
Самсоненко го зголеми уделот во „Жито Полог“, сега поседува скоро петтина од тетовската компанија
Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко станал сопственик на нови 2.469 обични акции со право на глас во „Жито Полог“, соопшти тетовската компанија. Самсоненко сега има вкупно 11.119 обични акции или 19,86 отсто од сопственоста на компанијата за производство на леб и житни производи.
Препорачано
Во извештајот за промена на сопственоста, кој е доставен до Македонска берза, е наведено и дека Златко Пирузе продал 6.417 обични акции со право на глас. Со тоа, тој повеќе не поседува акции во „Жито Полог“.
Исто така, 6.417 обични акции со право на глас се купени и од Друштвото за реклама, маркетинг, трговија и услуги „Лид Комјуникејшнс“ ДОО Скопје. Тоа претставува 11,46 отсто од вкупниот број издадени акции. Воедно, Друштвото за трговија, производство и услуги „АС Сењак“ увоз-извоз Селаудин Арифи ДООЕЛ извршило продажба на 2.469 обични акции со право на глас. Сега во своја сопственост има 7.679 обични акции, што е 13,71 процент од вкупниот број издадени акции на „Жито Полог“ од Тетово.
Рускиот милионер Самсоненко е поранешен сопственик на ракометниот и на фудбалскиот клуб Вардар, а тој има удели и во низа други бизниси во земјава.
Инаку, според состојбата од минатиот месец, кога беше објавен јавниот повик за одржување на акционерското собрание, „Жито Полог“ има издадено 55.997 акции, а поседува 5.499 сопствени акции. Вкупниот број на обични акции со право на глас е 50.498.