
Самостојната изложба „Украс“ на Марјана Костојчиноска Узунчева е претставена пред прилепската публика
Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп од 12 септември е поставена изложбата „Украс“ на уметницата Марјана Костојчиноска Узунчева. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а во галеријата ќе биде отворена за јавноста во текот на следниве седум дена.
Препорачано
– Најновиот креативен подвиг на ликовната уметница Марјана Костојчиноска Узунчева отелотворен во комплексната и интерпретативно повеќеслојна просторна инсталација насловена „Украс“, отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества.
Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија и симболика…
Авторката за потребите на својата инсталација, главно ги купува кристалните вази и плетените чаршафи од жени кои продаваат дел од својот чеиз, претежно од егзистенцијални причини, за нивното семејство да може да преживее во овие турбулентни и економски неизвесни времиња…
Тој посебен момент на купопродажба на нешто толку лично поседува своја симболика и извесна траорност – сведочи за саможртвувањето и лишувањето / одрекувањето на жената од некоја нејзина сопственост, за бришењето и заборавањето на минатото во име на сегашноста и/или иднината, за прагматичноста над емотивноста и приврзаноста кон предметите кои понекогаш и не се само тоа, зборува за нејзината ранлива социо-економска положба во општеството односно за врзувањето / крпењето крај со крај… – истакнува Анита Бошкова Доковска, куратор на изложбата.
Марјана Костојчиноска Узунчева дипломирала на ФЛУ Скопје – отсек графика. Досега реализирала 27 самостојни изложби и повеќе од 50 групни во земјава и во странство.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)