
Само десетина илјади граѓани имаат пари во инвестициски фондови
На почетокот на пандемијата, глобално имаше големи падови на пазарот на капиталот, некаде и до 50 проценти. Но, оние што решија во тој момент да вложуваат, во најголем дел денеска се во дебел плус.
За разлика од пред петнаесетина година кога почна да се зборува за инвестициски фондови во Македонија, денеска имаме развој на финансиски пазар, но граѓаните сè уште многу малку се осмелуваат своите слободни пари да ги вложат надвор од банкарскиот систем, оценува Коста Костадиновски од „Капитал групацијата“, која нуди и професионални финансиски совети. Тој посочува дека надвор од банките, како најразвиена форма останува берзата, која минатата година направила промет од околу 200 милиони евра, што е за 56 проценти повеќе отколку во претходната година. Инаку, постојат можности за инвестирање и во осигурителни компании, пензиски фондови и инвестициски фондови.
Препорачано
Во инвестициските фондови вложиле десетина илјади граѓани, но како што вели Костадиновски, ако тој износ се распредели на сите граѓани, математиката покажува дека тоа е влог од 100 евра по жител.
– Овој податок покажува дека сме подобри од Србија, од Косово, но ако се споредуваме со развиениот финансиски пазар, на пример со Словенија, каде што влогот во инвестициски фондови е 1.600 евра по жител, тогаш сме уште далеку од таа цел – вели Костадиновски.
Податоците што ги презентираше „Капитал групацијата“ покажуваат и дека заклучно со 31.12.2021 година, прометот со хартии на вредност што поминал низ лиценцираните брокерски куќи е околу 65 милиони евра.
Костадиновски објаснува дека секој граѓанин може да инвестира и мала сума.
– Можно е да се вложуваат и мали износи, на пример и 500 денари, но може да се вложуваат и големи пари. Каде ќе се вложат, зависи од тоа со колкав капитал некој располага, колкав имот има, на колкав рок сака да ги пласира средствата и на крај колкав ризик е подготвен да преземе, затоа што целиот ризик е на клиентот и тој во даден момент може да загуби. На пример, вложувањата во акции, доколку не се реинвестира добивката, носат годишна дивиденда, но можно е акциите да паднат и надолу. Исто е и со вложувањата во инвестициските фондови, со тоа што тој што вложува, сам одлучува што ќе прави со приносот што го донеле тие пари. Може целиот износ да го извади, а основниот влог да му остане, и така да прави секоја година – вели Костадиновски.
Тој анализира дека на почетокот на пандемијата, глобално имаше големи падови на пазарот на капиталот, некаде и до 50 проценти.
– Оние, пак, што решија во тој момент да вложуваат, денеска, во најголем дел се во дебел плус – вели Костадиновски.
Тој предупредува дека кај нас постојат многу платформи за тргување, кои не функционираат со дозвола на Комисијата за хартии од вредност.