Светски ден на контрацепција/Фото: МИА

Само 5, 5 проценти од младите во Македонија користат модерни контрацептивни средства

Употребата на контрацепцијата овозможува планирање на семејството, односно можност секој да го одреди времето и бројот на бремености во својот живот, како и растојанието помеѓу децата во семејството. Тоа пак води до подобри здравствени резултати и за мајката и за бебето. Од друга страна, планирањето на семејство е главен економски двигател на жените во последните 85 години, и го подобрува нивото на образование помеѓу младите. Тоа значи дека ако млад пар употребува контрацепција, ќе го избегне ризикот од тинејџерска непланирана бременост, а со тоа и ќе успее да го усовршува своето образование. Со тоа, значително ќе се намали стапката на детска сиромаштија, како и стапката на сиромаштија кај возрасните.

Сепак се‘ уште многу млади луѓе одлучуваат сексуалниот однос да го практикуваат без употреба на модерни контрацептивни средства. Ова го потврдуваат податоци добиени од неколку анализи врз испитаници од различна возраст и од различни средини на живеење.

Теоретски постои голем избор на контрацепција, (хормонска, интраутерина влошка, односно спирала, механичка или хемиска односно презервативи и хормонска терапија. Сепак, на дофат на младите најмногу им се презервативите, но дури и овој метод на контрацепција ретко се употребува. Младите најчесто го избираат природниот метод на контрацепција, без да сфатат дека тоа е всушност целосно небезбеден начин на заштита од непланирана бременост.

Доктор Глигор Тофовски, гинеколог од Клиниката за гинекологија и акушерство потенцира дека младите не ја согледуваат опасноста од неупотребата на модерни контрацептиви, поради што се зголемуваат и сексуално преносливите инфекции.

– Непланираната бременост иако е голем проблем, не е единствен. Поради неупотреба на презерватив на пример, значително е зголемен ризикот дека ќе добиете сексуално пренослива инфекција поради која ќе треба да се лекувате, а доколку повеќе пати се соочите со вакви инфекции, зголемен е и ризикот од инфертилитет. Затоа, сметам дека многу повеќе треба на младите да им се зборува за ризикот од рано влегување во сексуален живот, и за начинот на кој можат соодветно да се заштитат, вели д-р Тофовски.

Тој се согласува дека како последица на недостигот на едукација за сексуалното и репродуктивното здравје и ден-денес постојат стереотипи за сексуалното и репродуктивното здравје, за посетата кај гинеколог и сексуално преносливите инфекции.

Непланираната тинејџерска бременост е честа појава поради неупотреба на контрацептивни средства. Најмладата пациентка годинава кај која се извршила процедура за прекин на бременоста има само 14 години.

 

Според податоците на Заводот за здравствена заштита на мајките и децата, во текот на 2020 година регистрирани се вкупно 19 живородени од мајки под 15 години, 917 живородени од мајки на возраст од 15 до 19 години и 9 мртвородени од мајки на возраст од 15 до 19 години. Стапката на бременост на девојки на возраст од 15 до 19 години– адолесцентна или тинејџерска бременост во 2020 година изнесува 18,9 на 1000 девојки на истатa возраст. Изразено во проценти како дел од вкупните раѓања, во земјава, во 2020 година се регистрирани 4,9 % на породувања од мајки до 19-годишна возраст.

Само 14 проценти од жените кои се во врска или брак користат контрацепција што проверено штити од непланирана бременост. Во периодот од 2011 до 2018 година се намалува користењето на модерната контрацепција кај нас, вклучително и на оралната контрацепција и на спиралата, а во 2018 година машки кондом користеле само 10 отсто од паровите.

И покрај децениските заложби на Владата, во државата ниту едно контрацептивно средство сè уште не е на позитивната листа на лекови што се покриени од Фондот. Преку програмата на Владата се обезбедува орална контрацепција, спирали или кондоми само за ограничен број на жени од социјално ранливи категории, како и за жени со повторливи абортуси, изјави Драгана Каровска-Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Според д-р Ана Данева-Маркова, од претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, финансиските и економските бариери го попречуваат пристапот до контрацепција, особено за младите или за лицата со пониски приходи, поради што е потребно државата да обезбеди бесплатна контрацепција или субвенции за одредени категории граѓани.

– Пристапот до модерна контрацепција ги намалува мајчината смртност за 25 проценти, а смртноста на новороденчиња за 20 отсто. Одредени методи на контрацепција, како што посочи таа, ја намалуваат инциденцата на ХИВ и на сексуално преносливите инфекции, а соодветната информираност и употреба на контрацепција спречува непланирани бремености, вели д-р Данева Маркова.

Неупотребата на современа контрацепција носи и ризик од појава на сексуално преносливи инфекции

Иако сметаме дека имаме пристап до различни видови на контрацепција, сепак во нашата земја има голем број на случаи на несакана тинејџерска бременост и појава на заболени од сексуално преносливи инфекции. Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА посочува дека и оваа година во младинските центри на ХЕРА се регистрирани случаи на сексуално преносливи болести поради незаштитен сексуален однос.

– За оваа година, во период од јануари до јули, нема регистрирани случаи на гонореја, но има  2 регистрирани случаи на сифилис, 9 за кламидија, 5 за хептитис Б и 1 случај на хепатитис Ц. За жал, бројките кај нас не ја отсликуваат реалната слика и состојба за бројот, процентот на сексуално преносливи инфекции. Треба да сме свесни дека тие постојат, дека треба да се користи заштита при сексуален однос бидејќи секој незаштитен сексуален однос е потенцијален ризик за пренос на сексуално преносливи инфекции (СПИ), вклучително и на ХИВ. Свеста дека треба да се грижиме за сопственото здравје, што подразбира и тестирање за ХИВ и СПИ, сѐ уште е на многу ниско ниво во нашата земја, па дури и табу, вели Матевска.

Па оттука се поставува и прашањето – Дали употребата на контрацепција во Македонија е сѐ уште табу тема или пак станува збор за недоволна едукација?

Доктор гинеколог Даниела Иванова од Клиниката за гинекологија и акушерство вели дека употребата на современи контрацептивни средства се‘ уште претставува табу тема кај младите.

– Се‘ уште има митови поврзани со употребата на орална контрацепција. Многу девојки сметаат дека ако земат ваков тип на контрацепција, ќе им пораснат влакна или ќе се здебелат. За среќа, има и такви кои користат орална контрацепција. Дали некоја девојка ќе користи ваков тип на контрацепција или не, зависи од степенот на образование. Затоа сметам дека едукацијата која не мора да биде класична со предавање, туку може да биде и преку вклучување на гинеколозите на социјалните мрежи што ги користат младите, ќе придонесе за зголемен процент на употреба на модерни контрацептивни средства, а со тоа и за намален ризик од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции. Само за пример ќе посочам дека по индексот на употреба на контрацепција, Македонија е на четврто место од позади. Зад нас се Сомалија и Албанија, вели д-р Иванова.

Употребата на контрацепција во земјава е ниска: само 14 % од жените (или нивните партнери) кои се во брак или заедница, користат модерни методи на контрацепција (од кои 1,1 % користат орална контрацепција, а 1.4 % користат интраутерина влошка, 10 % машки кондом, 1,4 % женска стерилизација), додека од жените кои не се во брак или во заедница, 21 % користат некаков вид на модерна контрацепција. (Извор: МИКС, 2018).

Од друга страна, кај нас може да се најдат и да се купат само презервативи, комбинирани таблети за контрацепција, итна контрацепција и спирала. Бесплатна контрацепција и советување за контрацепцијата како начин на семејно планирање може да се добие во младинските центри на ХЕРА.

Поради незадоволителниот процент на употреба на  контрацепција, ХЕРА се повикува на примерот од Франција, каде што од неодамна беше овозможена бесплатна контрацепција. Бесплатна дистрибуција на современи контрацептивни средства за ранливи групи преку државната институција и тоа, за адолесценти (15-24 години), за жени со низок социјален економски статус, за жени од рурални средини, за Ромки, за жени кои примаат социјална помош и за жени со репетитивни абортуси или индуциран абортус.

– Како организација сметаме дека контрацепцијата за некои девојки и жени е потреба која не може да ја реализираат доколку истата не е обезбедена на ваков начин. Апсолутно сме за тоа контрацепција да се обезбеди преку Фондот за здравствено осигурување, за млади, социјално исклучени лица и девојки и жени од рурални средини за да биде што подостапна за сите кои сакаат да ја користат- велат од ХЕРА.

За да биде контрацепцијата подостапна за граѓаните, пред се‘ за помладата популација и ранливите групи, неопходно е што поскоро да започне процесот на ревидирање на позитивната листа на лекови заради нејзино проширување со најмалку едно модерно контрацептивно средство, со што би се подобрила универзалната покриеност со здравствена заштита. Објаснувањето на гинеколозите е дека контрацептиви треба да има на позитивна листа, за да бидат подостапни за жените.

Министерот за здравство Беким Сали се‘ уште не знае кога точно ќе се стават контрацептивни средства на позитивната листа на лекови.

– Во последните 12 години немаше промени во позитивната листа на лекови. Сега се подготвуваат измени, но правилникот за ревидирање може да одземе една година додека да се направат измените. Со цел намалување на тој период, ќе одиме во две фази. Првата фаза ќе биде за примарни лекови кои ќе бидат на товар на Фондот, а во втората фаза ќе бидат поскапите лекови, рече Сали не прецизирајќи во која фаза ќе бидат ставени контрацептивните лекови на позитивната листа на лекови.

Марија Ристевска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики и авторка на анализата „Анализа на перцепциите на релевантни пратеници за достапноста и употребата на современи средства за контрацепција”, вели дека преку користење методи на интервјуа со репрезентативен примерок на пратениците во Собранието дојдено е до сознанија дека носителите на одлуки се согласни дека кондомите треба да бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи, а контрацептивните пилули вклучени на позитивната листа на лекови. Пратениците и пратеничките и покрај различните идеолошки ставови, се согласуваат дека контрацепцијата е право на жени и мажите и треба да имаат пристап до современи контрацептивни средства.

Истражувањето покажа дека помеѓу пратениците и пратеничките имаме консензус околу тоа презервативите да бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи. Пилулите исто така треба да бидат ставени на позитивната листа на лекови, за што исто така има консензус во Собранието, а советувањето, сметаат дека не треба да биде задолжително, туку опционално за сите оние кои ќе побараат совети за планирање на семејство, додаде Ристевска.

Од изјавите на специјалистите по гинекологија, станува јасно дека неопходно е да се зголеми свеста кај младите за употребата на модерни контрацептивни средства, и гласно да се зборува за опасноста од неупотреба на модерни контрацептивни средства.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот