
Самит КОП29 во Баку: На сите жештини и поплави, како да се преживее „ураганот“ Трамп?
Не е само Трамп единствената главоболка за светските лидери и експерти. Климатолозите потврдија дека 2024-та ќе биде најтоплата година во историјата откако се мерат температурите и дека планетата денес веќе е потопла за 1,5 Целзиусов степен во споредба со нивото пред Индустриската револуција
Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа може да биде како удар на ураган врз сѐ што светот постигна во обид да го намали загадувањето на планетата и да спречи катастрофални последици од климатските промени.
Препорачано
Оваа закана доминира на глобалниот самит за климатски промени КОП29 што почна во Баку. И не е само Трамп единствената главоболка за светските лидери и експерти. Климатолозите потврдија дека 2024-та ќе биде најтоплата година во историјата откако се мерат температурите и дека планетата денес веќе е потопла за 1,5 Целзиусов степен во споредба со нивото пред Индустриската револуција. Тоа значи дека веќе во 2024 година е пробиена границата на глобалното затоплување што требаше да биде достигната дури во 2050 година.
Научниците се едногласни во критиките до владите дека потфрлиле во двата главни предизвика – да се намали загадувањето и да се замени горењето фосилни горива со одржливи извори за генерирање енергија. Ако Трамп ја повтори политиката од својот прв мандат, кога ги повлече САД од глобалното климатско друштво и ги отфрли целите поставени од претходникот Барак Обама, ситуацијата сигурно уште повеќе ќе се влошува.
Трамп беше на половината од својот прв мандат кога во 2017 година ги повлече САД од Парискиот климатски договор, тврдејќи дека обврските „ќе ја поткопаат американската економија“ и ќе ја доведат земјата во „постојано заостанување“. Неговиот наследник Џо Бајден ја поништи одлуката само неколку недели откако даде претседателска заклетва. Трамп ќе се врати на функцијата во јануари и се очекува брзо да реагира.
Тимот на Трамп веќе работи
Весникот „Њујорк тајмс“ во петокот објави дека транзицискиот тим на избраниот претседател веќе подготвува документи за ново повлекување на САД од Парискиот климатски договор. Изворите на весникот тврдат дека тимот на Трамп разгледува и можности за намалување на површината на национални паркови и заштитени региони за да се овозможи поголемо експлоатирање нафта, гас и руди, како и замрзнување на извозот на природен гас во течна состојба за пазарите во Европа и во Азија.
– Гласачите му дадоа мандат на Трамп да ги спроведе ветувањата што ги даде во предизборната кампања. Ние ќе ги испорачаме – изјави за Ројтерс Керолајн Ливит, претставничка на транзицискиот тим на новиот претседател.
Обединетите нации повторно укажуваат дека прашањето на глобалното затоплување е од егзистенцијална важност за цели нации, но и дека значително го оптоваруваат финансискиот систем на сите земји и имаат сериозно влијание врз стандардот на граѓаните.
Штети од 2.000 милијарди долари
Во нов експертски извештај, изработен специјално за самитот КОП29 во Баку, се укажува дека природните катастрофи во светот во изминатите десет години предизвикале штета од 2 билиони долари. Во извештајот биле анализирани повеќе од 4.000 екстремни временски настани поврзани со климатските промени, од ненадејни поплави до катастрофални суши и топлотни бранови. Само во изминатите две години штетите изнесувале 451 милијарда долари. Вообичаено најтешко се погодени сиромашните и земјите во развој, но и САД неодамна беа погодени од два суперурагани, а Европа од поројни дождови и катастрофални поплави. Економски најмоќните држави претрпеле најголема штета, но нивните системи се приспособени за брза реакција.

На КОП29 светските лидери повторно ќе расправаат за начините како индустриски најразвиените земји можат да им помогнат на посиромашните да ги приспособат економиите, системите и инфраструктурата за поекстремни природни катастрофи.
– Податоците од изминатата недела дефинитивно сведочат дека климатските промени не се проблем на иднината. Големите производствени загуби од екстремни невремиња се реалност што се чувствува – изјави Џон Дентон, генерален секретар на Меѓународната трговска комора, која го нарача извештајот.
Големи штети и за најбогатите
Во документот се заклучува дека од 2014 до 2023 година има нагорен тренд на штетата на катастрофи предизвикани од екстремно невреме. Амплитудата била во 2017 година, кога сезона на особено жестоки урагани ја погоди Северна Америка и Карибите.
Иако Трамп би ги повлекол САД од Парискиот климатски договор, токму Америка ја истрпела најголемата економска штета од невремиња – дури 935 милијарди долари во изминатите десет години. На второто место е Кина со штета проценета на 268 милијарди долари, пред Индија со 112 милијарди. Меѓу десетте земји со најголема штета од невремиња се и богатите Германија, Франција, Австралија и Бразил. Но, ако се имаат предвид населението и економската моќ, најголема штета претрпеле малите островски земји, како Сент Мартен и Бахамите на Карибите.
Друго истражување, претставено во октомври, покажува дека Европа сѐ посурово е изложена на последиците од климатските промени. Загадувањата предизвикани од емисиите на јаглеродни гасови се посочени како одговорни за 35.000 смртни случаи, од вкупно 68.000 луѓе што починаа од летните жештини низ Европа во 2022 година. Се предупредува дека сега се двојно повисоки шансите да се повторат рекордните поројни дождови што ја погодија Европа.
Баку труе на бензин
Светските лидери расправаат за отфрлање на фосилните горива додека во Баку го чувствуваат остриот мирис на бензин од рафинериите, на кој Азербејџанците се привикнати низ изминатите децении.
Уште пред почетокот на самитот, многумина активисти укажуваа дека е „промашен“ домаќинот, бидејќи Азербејџан е изграден од богатството на фосилните горива и нема интерес тие да бидат исфрлени. Баку е избран за домаќин на самитот бидејќи ротирачкиот систем налагаше КОП29 да се одржи во Источна Европа. Кандидатурата на Бугарија беше блокирана по инсистирање од Русија.

Доказ дека имало основа за „лицемерноста“ е скандалот со Елнур Солтанов, директорот на азербејџанската делегација. Објавени се снимки како шефот на делегацијата на домаќинот на собирот за климатски промени разговарал за „инвестициски можности“ во државната компанија за нафта и гас со маж што се претставил како потенцијален инвеститор.
– Имаме многу полиња за гас што ќе бидат развиени – изјавил Солтанов.
Поранешен шеф на телото на ОН за климатските разговори, во интервју за Би-би-си, го обвини Солтанов за „предавство на процесот“ и истакна дека неговите акции се „целосно неприфатливи“.
И талибанците дебатираат за климатските промени
Климатскиот самит во Баку е првата светска конференција на која учествуваат претставници на талибанските власти на Авганистан.
На КОП29 присуствува „техничка делегација“ составена од талибанците. Шефот на Националната агенција за заштита на природата Матиул Хак Халис изјави дека делегацијата ќе го искористи учеството на самитот „за да ја зацврсти соработката со меѓународната заедница во врска со прашањата за заштита на природата и климатските промени“. Тој додава дека Авганистан има потреба за пристап до финансиските механизми поврзани со климатските промени.
– Климатските промени водат кон многубројни и негативни последици за Авганистан, создавајќи сериозни предизвици за земјата. Тие резултираа со повисоки температури, кои ги осиромашуваат изворите на вода и предизвикуваат суши, што особено ги погодува земјоделските активности – изјави Хајатулах Машвани, професор по природни науки на Универзитетот во Кабул.