
Сали им заблагодари на Софијанова и Васев што сами се повлекоа, продолжува контролата на директорите на клиниките
Продолжува контролата на работата на директорите на сите клиники, рече денеска министерот за здравство Беким Сали, одговарајќи на новинарско прашање до каде е контролата пто ја врши Фондот за здравствено осигурување на работата на раководството на клиниките.
Препорачано
– Делот директори кај кои при управувањето со јавни здравствени установи беа забележани неправилности, беше побарано од нив да се повлечат. Јас сакам да им ја изразам благодарноста дека имаа разбирање и се согласија на самоволно повлекување од функцијата, што е добар показател на свесноста на еден менаџер да ја прифати грешката што е направена во континуитет. Контролите од Фондот продолжуваат и ниедна здравствена установа нема да биде исклучена. Ние сме во првата фаза и таа опфаќа контрола на финансиска неправилност при распределба на платата на директорите и на менаџерите – рече Сали.
Тој додаде дека ако решат сега да тргнат во контрола на целокупното работење на здравствените институции ќе треба долг период.
– Во првата фаза ќе се проверат само менаџерите, дали се почитува колективниот договор, дали се злуопутребува делот во правото на дежуство итн. Дежурството на директорите е дадено како можност, а не како обврска. Само како можност во оние здравствени установи каде нема доволно кадар за пружање на здравствената услуга во континуитет – објасни министерот.
Според премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот Сали присуствуваа на промоција на два нови апарати за магнетна резонанца во ГОБ „8 Септември“ нема селективно постапување во контролата на директорите.
– Нема селективност. На Детската клиника покрај оставката на директорката, беше разрешен и економскиот директор. Врз основа на извештаите што ги има министерот за здравство, дел од директорите решиле сами да се повчечат, еден е разрешен. Министерот продолжува со анализи и ќе одлучи какви чекори за кадровските прашања ќе бидат превземени. Јас не сакам да прејудицирам нипшто – одговори премиерот Ковачевски прашан дали смета дека има политичко влијание и селективно постапување во контролата на клиниките.
Директорите на Детската клиника и на Онкологија, д-р Аспазија Софијанова и д-р Нино Васев минатиот месец се повлекоа од функциите откако еден медиум објави дека „си ја напумпале“ платата со превисоки додатоци на платите за дежурства и прекувремена работа.